Фармерот Душко Илиевски доби 6.000 евра отштета за загубите додека беше во притвор

Апелацискиот суд во Битола пресуди отштета од 6.000 евра за семејството на фамерот Душко Илиевски за земјоделските загуби додека тој и дел од неговото семејство беа во протвор 12 дена во 2010 година.

За пропаднатиот род на нивите со компири, боранија, пиперки, фармерот Илиевски бараше 9.000 евра отштета од државата, но Основниот суд и Апелацискиот суд во Битола досудија и потврдија помала сума.

Фармерот Душко, неговиот брат Цане и татко им, Томе Илиевски, беа спектакуларно притворени поради сомневања дека во нивните ниви во индустрискиот дел на градот одгледувале марихуана. Но, истрагата и вештачењето покажаа дека станува збор за див коноп, кој го има во секоја втора нива во Битолско.

– Денеска Апелација пресуди 6.000 евра како обештетување за нашите ниви и родот што ни пропадна несобран додека бевме во притвор. Оваа пресуда докажува дека власта направи неправда што нè упаси за дивиот коноп. Сега народот ќе го плаќа циркусот што ни го направи оваа власт – рече фармерот Илиевски за „Мета“.

Инаку, делото во кое тројцата фармери бараат обештетување за нанесена душевна болка за 12 дена поминати во протвор во моментов е на Врховен суд. Претходно пониските судови им досудија оштета по 1.000 евра за секој од тројцата фармери.

Тие не се задоволни од пресудата и велат дека ако е потребно, ќе одат и во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.

А.Б.