Доцни изградбата на магистралата Велес – Кадрифаково

Изградбата на патната магистрала Велес – Кадрифаково се одвива со извесно задоцнување, а работите на патот едно време стагнирааа, потврди денеска и министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, кој рече дека ќе се бара ново проектанско решение за проблемот што се јавил.

– Сега се работи ефективно. Таму работат две фирми, „Штрабак“ и „Гранит“. Вчера имав состанок на оваа тема. Динамиката е забрзана, но се појавија проблеми со дождовите и со снеговите во изминатиот период и поради тоа има мало доцнење во динамиката. Тлото беше премногу мокро и треба да се најде ново проектанско решение, но убеден сум дека во наредниот период ќе се забрзаат сите градежни активности и во наредните неколку месеци ќе ги завршиме сите работи – изјави министерот Мисајловски, при неговата денешна посета на Дојран.

Третата и последна фаза од изградбата на магистралата почна во октомври минатата година, кај селото Сарамзалино, со проширување и со обнова на 10,7 километри од делницата. Патот што беше со широчина од 6,4 метри, прераснува во брза магистрала со четири ленти, по две во двата правци, и со широчина од 11,1 метри.

За изградбата се планирани 14,9 милиони евра од државниот буџет.

В.К.