41 лице загина во пожар во јужнокорејска болница

Во пожарот кој избувна рано утринава во болница во јужнокорејскиот град Мирјанг загина 41 лица, а уште осумдесетина се повредени.

Светските медиуми пренесуваат дека постојат сомневања дека пожарот избувнал на првиот кат од болницата, во просториите за итни случаи. Пожарникарите евакуирале околу 200 лица кои се наоѓале во главната зграда на болницата.

Мирјанг се наоѓа околу 270 километри југоисточно од јужнокорејската престолнина Сеул. Јужнокорејскиот премиер Ли Нак-јеонг наложил да се употреби сета можна опрема за гаснење на пожарот и пребарување на болницата за да се спасат што повеќе човечки животи.

Шефот на пожарникарите Чои Ман-Ву вели дека засега не е познато што го предизвикало пожарот, а ситуацијата да биде полоша, во болницата немало инсталирани противпожарни прскалки.

Пожарот во Мирјанг доаѓа само еден месец откако огнена стихија однесе 29 животи во осумкатница во центарот на градот Јачеон.