ЗНМ: Загрижува фактот што незадоволни граѓани револтот го истураат врз новинарите

Здружението на новинарите на Македонија остро ги осуди физичките напади на новинари и сниматели на протестот против договорот за името пред Собрание. Од таму велат дека загрижува фактот што незадоволните граѓани се уште нивниот револт го истураат врз новинарите и го повикаа МВР итно да ги идентификува напаѓачите и да ги изведе пред лицето на правдата.

Од Здружението го осудија приведувањето на новинарот на „Инфомакс“, Борислав Стоилковиќ, поради наводно одбивање да се легитимира и снимање во лице на припадниците на полицијата.

„Неразбирливо е тврдењето на МВР дека новинарот одбил да се легитимира кога од снимките додека е приведуван јасно се гледа неговата новинарска легитимација. Снимањето на полицајци на протести не може да биде основ за приведување на новинари затоа што таква забрана нема во ниту еден закон. Освен тоа, снимањето на однесувањето на полицијата на протести е од висок јавен интерес за да може да се регистрираат евентуалните злоупотреби“, велат од ЗНМ.

Истовремено, ЗНМ го осуди и однесувањето на новинарот Стоилковиќ, кој, како што велат од таму, наместо да известува од протестот станал директен учесник. ЗНМ преку соопштение до медиумите го потсетуваат Стоилковиќ дека говорот на омраза и повикување на насилство не се споиви со новинарската професија.