Закани од поплави во Источна Македонија

Критично е нивото на реката Брегалница кај Ново Село во Штип, каде и лани имаше поплави. Нивото на водата е 312 сантиметри, а надминувањето на нивото од 250 сантиметри се смета за критично. Лани во време на големите поплави во Источна Македонија, водостојот на Брегалница изнесуваше 380 сантиметри. Вообичаено нивото на реката е околу 120 сантиметри. Добрата вест е дека во периодот од  7  до 9 часот на мерното место во Ново Село, нивото на вода опаднало за 4 сантиметри.

Во Штип, сè до ноќеска, врнеше без прекин речиси 30 часа. Според хидрометеоролозите, во изминатите 24 часа најмногу дожд наврна во Виница, од каде доаѓаат притоките на Брегалница – 30 литри на еден квадратен метар, додека во Берово, каде извира реката, наврнаа 27 литри дожд на еден квадратен метар.

Интензивниот дожд речиси го затрупа патот Истибања – Калиманци.

Техничкиот директор на регионалниот центар на „Македонија пат“, Киро Коцев, чија механизација ги расчистува одроните, вели дека огромни карпи има на неколку места, а со поситни одрони е посипан речиси целиот пат.

– Почвата е презаситена со влага, по што се одронуваат карпите од ридовите. Нема друго решение освен расчистување на паднатото  изјави Коцев, кој не знае кога ќе успеат да ги расчистат одроните, бидејќи постојано паѓаат нови.

На терен работат и три машини од „Гранит“ на отстранување на карпите и на одроните. Прво се дробат карите, па потоа се фрлаа во коритото на реката.

Додека работат екипите на „Македонија пат“, кај Истибања и понатаму паѓа дожд. Лошата вест е дека во претстојниот викенд се очекуваат нови, интензивни врнежи од дожд  кога се очекува да наврне до 30 литри дожд на еден квадратен метар.