Заев – Нимиц: Постои позитивна клима за развој на добрососедските односи

На денешната средба на премиерот Зоран Заев со специјалниот претставник на Обединетите Нации во разговорите меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, бил споделен ставот дека постои позитивна клима за нов импулс во развојот на добрососедските односи, преку чекорите за зголемување на довербата меѓу државите, што може да придонесе и за продолжување на процесот на преговори, соопшти Владата на РМ.

Според официјалното соопштение, посредникот Нимиц ги поздравил демократските промени во Македонија и му честитал на премиерот Заев за неговите отворени проактивни политики.

– Јас и Владата на Македонија сме определени кон чекори што ги решаваат проблемите на граѓаните на Република Македонија. За тоа водиме инклузивни политики и така ќе биде и со решавањето на ова прашање, што ќе го водиме исклучително транспарентно, а не затворено како досега. Само преку државен консензус, со опозицијата во Собранието, со претседателот на државата и со граѓаните на Република Македонија е можно да се напредува во поглед на ова прашање – рекол  Заев.

На средбата заеднички е заклучено дека евро-атлантските интеграции се потребни за стабилноста и за безбедноста на целиот Западен Балкан, но и дека тоа ќе придонесе за потребниот економски развој на државите и за подигнување на квалитетот на живот на граѓаните.