Заев – Коѕиас: Ако Македонија се придвижи напред, тоа ќе биде добро за целиот регион

Само позитивен пристап во решавањето на отворените прашања меѓу државите, со меѓусебно почитување и разбирање, е иднината на регионот, истакнал премиерот Зоран Заев на средбата со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, кој денеска е во посета на Македонија.

На сребата, која, како што соопштија од владината прес-служба, поминала во пријатна и во конструктивна атмосфера, Заев и Коѕиас се заложиле за „продлабочување на довербата помеѓу двете држави, низ принципиелни односи и меѓусебна грижа за интересите на двете држави и на народите во нив“.

Заев нагласил дека новата Влада е фокусирана на развивање добрососедски односи, на европските вредности што се имплементираат низ реформскиот план „3-6-9“, како и на активности важни за членството во НАТО, како што е зголемување на буџетот на Армијата.

– Ако Република Македонија се придвижи напред, тоа ќе биде добро и за целиот регион – рекол Заев.

Коѕиас на средбата истакнал дека Грција е отворена за ефикасно затворање на проблемите, дека сака стабилност во регинот и дека во Македонија гледа добар сосед.

– Ве поддржуваме во евро-атлантските аспирации. Сакаме стабилност во регионот и во вас гледаме добар сосед. Ние припаѓаме на мирољубиви држави. Република Грција нема геополитички и геостратешки интереси кон вашата земја. Отворени сме за ефикасно затворање на проблемите, кои некогаш може да значат и недоразбирања, преку респектирање на интересите на двете држави – рекол Коѕиас, кој, како чин на добра волја за продлабочување на соработката меѓу двете земји, понудил размена на искуства и на експертизи во реформскиот процес во нашата држава, важен за ЕУ и за НАТО.