Заев: Има креативен напредок за името, но тоа се само идеи на маса

Премиерот Зоран Заев во Дојран, коментирајќи ја вчерашната средба меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас во Солун, оцени дека е направен напредок во однос на наоѓање решение за проблемот со името.

– Направен е напредок во делот на креативноста на изнаоѓањето на решенијата за она коешто за нас е важно да може да помине, сочувувајќи го достоинството и идентитетот, но и за грчката страна, исто така, можност да помине достоинството и идентитетот. Секако, тоа се само идеи на маса за коишто продолжуваме да размислуваме, рече Заев.

Според Заев, на крајот на идната седмица пак ќе има средба и ќе се види како ќе се одвиваат работите.

– Целта е веќе кога сме дојдени на крајот и така критиките ги добиваме од граѓаните, да ги добиеме и позитивните поени со можно решение. Јас сум убеден дека поради креативноста, посветеноста на двете страни во преговарачкиот процес можеме конечно да здивнеме со еден проблем помалку којшто секако е еден од крупните во Македонија којшто ќе ги отвори портите на НАТО и ЕУ, притоа важно е секако да не бидеме обесчестени, да не бидеме понижени, како и грчката страна исто така. Убеден сум кога веќе стасавме до овде, двете страни имаат искрена, вистинска намера за решение на проблемот – додаде Заев.