!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Раководствата на Србија и на Република Српска сложно против Изетбеговиќ


       
Белград, 22 февруари, 2017 - 17:38 (META) 

Барањето од Бакир Изетбеговиќ е акт на омраза на муслиманите во Сараево кон Србија и има цел да се укине Република Српска, порача денеска претседателот на Република Српска, Милорад Додик, по средбата во Белград што тој и претседавачот на Претседателството на БИХ, Младен Иваниќ, ја имаа со претседателот и со премиерот на Србија, Томислав Николиќ и Александар Вучиќ.

Темата на средбата беше најавeното барање од босанскиот член на Претседателството на БИХ, Бакир Изетбеговиќ, за ревизија на пресудата на Меѓународниот суд на правдата по тужбата на БИХ против Србија за геноцид.

Додик и Иваниќ по средбата рекоа дека со најавата дека ќе поднесе барање за ревизија, Изетбеговиќ ги урива БИХ и нејзините институции, оти одлуката ја донел сам. Со одлуката не се согласува ниту хрватскиот член на Претседателството на БИХ.

Николиќ и Вучиќ рекоа дека Србија секогаш ќе биде зад Србите во БИХ, но и дека ќе го почитуваат интегритетот на таа земја и дека главната цел е да се сочуваат мирот и стабилноста.

– Србија вистински и искрено посакува мир, а не кавга и судири со своите соседи – рече Вучиќ, кој додаде дека со најавата за ревизија на пресудата, односите со БИХ се вратени 25 години наназад.

Меѓународниот суд на правдата на 26 февруари 2007 година пресуди дека Србија не може да се смета за одговорна за геноцидот извршен во Сребреница од страна на силите на Република Српска, но и дека ја прекршила Конвенцијата за геноцид со тоа што не сторила сè што е во нејзина моќ за да спречи геноцид, а потоа ниту ги казнила ниту ги предала сторителите на Хашкиот трибунал.

Рокот за поднесување барање за ревизија е 10 години, односно истекува за четири дена.