Во новата зграда на Кривичен суд почна првото рочиште за „Титаник“

Во новата зграда на Основен суд Скопје 1 пристигнаа обвинетите во случајот на СЈО „Титаник“, во кој, на поранешни високи државни и функционери на ВМРО-ДПМНЕ им се суди за изборни нерегуларности и влијание врз волјата на гласачите.

Со денешното рочиште почнува да функционира новата зграда на Кривичниот суд. Прв од обвинетите пристигна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, а потоа и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко кој тешко се движеше.

Последен, но овој пат точно на време, во 10 часот, пристигна и поранешниот премиер и екс-лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Помеѓу обвинетите се и Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.