ВМРО-ДПМНЕ: Мијалков, за разлика од Заев, признава кога ќе направи пропуст

„Сашо Мијалков даде изјава во медиумите. Го потврди пропустот. Сашо Мијалков не лаже и не манипулира. Факт кој е несвојствен и неразбирлив за СДСМ“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на соопштението од СДСМ во кое најголемата опозициска партија, меѓу другото, прашува како поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање успеал да ја помине контролата на аеродромот во Скопје со пиштол во патната торба.

Од владејачката партија велат дека според Законот за гранична контрола, граничната полиција има обврска да врши гранична проверка при влез и при излез од Македонија, а за проверка на личниот багаж е надлежна службата за аеродромското обезбедување, која не е државна институција.

„СДСМ, по кој знае кој пат, покажува дека нема капацитет, ниту елементарно познавање на законската регулатива. За нив е својствена и очекувана ваквата реакција со сите конфузни и контрадикторни детали и лаги. За нив е очекувано да ги напаѓаат институциите и личностите само за да го покријат срамот нанесен на државата со лажењето на нивниот лидер. Разликата е јасна за сите. Мијалков потврдува и признава кога ќе направи пропуст. Заев лаже и манипулира за да се извади од скандалот што го предизвика, дури и по цена да ѝ нанесе поголем срам на Република Македонија“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.