Влада: Иванов наместо да ја кочи иднината, подобро е да се изолира од полтичката сцена

Владата со жалење констатира дека претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање до јавноста не успеа да се издигне над сопствената немоќ и да ја види перспективата што се отвора пред нашата држава со договорот што овие денови го финализираа и го договорија владите на Република Македонија и на Република Грција, соопштува владината прес служба.

„Претседателот Иванов нема чувство на одговорност и презема дејства на недозволива манипулација, со што им штети на државата, на граѓаните и директно дејствува против јакнењето на македонскиот идентитет. Иванов не се залага за решенија и не работи за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ, а тоа за граѓаните се приоритети од највисок национален интерес“, велат од Владата.

Оттаму додаваат дека со овој договор се потврдува и зајакнува македонскиот етнички и културен идентитет, „еднаш засекогаш.“ Според Владата, Иванов не се залага за решенија и не работи за иднината.

„Наместо да ја турка Македонија, подобро е сам да се изолира од политичката сцена“, велат од владината прес-служба.