По маратонските преговори, Меркел и Шулц постигнаа договор за формирање на влада


Берлин, 7 февруари, 2018 - 12:53 (META) 

Конзервативците на Ангела Меркел и социјалдемократите на Мартин Шулц, постигнаа договор за формирање на владејачка коалиција, јавуваат светските медиуми.

Според пишувањата на медиумите, социјалдемократите ќе го добијат министерството за надворешни работи и за финансии, што се оценува како добар преговор од страна на Шулц откако претходните осум години, ова министерство беше во рацете на Христијанско-демократската унија (ЦДУ). Новиот министер за финансии треба да биде градоначалникот на Хамбург, Олаф Шолц.

Маратонската рунда преговори помеѓу Меркел и Шулц почна од вчера претпладне кога требаше да биде и последниот ден за преговори помеѓу двете страни, почнат на почетокот на јануари. Последните спорни точки во преговорите, се однесувале на распределбата на министерските места, реформите во здравството и договорите за работа на неодредено време.

Договорот, треба да го одобрат околу 460.000 членови на Социјалдемократската партија (СПД) што може да трае и неколку недели.

Многу членови на таа партија се скептични кон новата коалиција со конзервативците. Ако членовите на оваа партија бидат против новата коалиција, Меркел ќе треба да избере или малцинска влада или нови избори.


Меркел подготвена на компромис со социјалдемократите


Берлин, 6 февруари, 2018 - 12:52 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека е подготвена на компромис за постигнување на коалициски договор со социјалдемократите, пренесуваат агенциите.

Меркел рекла дека и понатаму има несогласувања околу суштинските прашања и дека секоја од страните „ќе мора да прифати болни компромиси“.

– Подготвена сум на компромис ако можеме да гарантираме дека на крајот ќе има повеќе корист отколку штети – изјавила Меркел.

Инаку, денеска во Берлин се очекува да завршат маратонските преговори меѓу конзервативците на Меркел и социјалдемократите за формирање на влада, четири месеци по парламентарните избори.

Претседателот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Мартин Шулц рекол оти очекува денеска да биде постигнат договор.

Преговорите меѓу конзервативците и социјалдемократите за формирање на влада, по изборите на 24 септември, минатата година, се најдолги од Втората светска војна.

Партиите не можат да постигнат договор околу политиките за труд и здравствената заштита.


Меркел и Шулц начелно се договорија за нова влада


Берлин, 12 јануари, 2018 - 10:42 (META) 

Конзервативците на германската канцеларка Ангела Меркел и социјалдемократите на Мартин Шулц утрово постигнале начелен договор за формирање на новата влада на Германија, јавуваат светските агенции, повикувајќи се на свои извори.

Компромисот бил постигнат по преговорите кои траеле повеќе од 24 часа.

Начелниот договор, според агенциите, во текот на денот треба да го потврдат управните одбори на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Ангела Меркел и на Социјалдемократската партија (СПД).

Вчера беше последниот ден од преговорите зад затворени врати, на кои на маса требаше да бидат ставени чувствителните прашања, како мигрантската политика, здравството и финансиите.

Конзервативците и СПД заедно ја водеа Германија во два мандати во последните 12 години.


Маж со возило влетал во седиштето на СПД во Берлин


Берлин, 25 декември, 2017 - 11:59 (META) 

Педесет и осумгодишен маж се обидел да се самоубие така што со автомобил влетал во седиштето на Социјалдемократска партија на Германија (СПД) во центарот на Берлин, при што се здобил со полесни повреди.

Како што се наведува, возилото минало низ стаклената врата на седиштето, а во него полицијата пронашла канистри со бензин и боци плин.

Од ударот настанал мал пожар, но автоматскиот систем за гаснење пожар во зградата брзо го изгасил.

Полицијата не го соопшти името на мажот, а нејасно е зошто го избрал седиштето на СПД како своја мета.

Возачот е пренесен во болница, а полицијата и државните безбедносни служби го истражуваат случајот.


Се зголемува рејтингот на конзервативниот блок на Меркел и на социјалдемократите


Берлин, 26 ноември, 2017 - 20:03 (META) 

Рејтингот на конзервативниот блок на германската канцеларка Ангела Меркел и на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) се зголемил за време на дискусијата за формирање нова голема коалиција, покажува анкетата што ја изврши агенцијата „Емнид“, по нарачка на „Билд ам зонтаг“.

Според резултатите, рејтингот на христијанско-демократскиот сојзу (ЦДУ) на Меркел и на христијанско-социјалниот сојуз (ЦСУ) на Хорст Зехофер се зголемил за 2 проценти во споредба со минатата недела и сега изнесува 33 проценти.

Поддршката за социјалдемократската партија, предводена од Мартин Шулц, се зголемила за еден процент и изнесува 22 проценти.

Рејтингот на крајно десничарската Алтернатива за Германија (АФД), според анкетата, паднал за 2 проценти и партијата сега има поддршка од 11 проценти. Тоа е најнискиот рејтинг за АФД од парламентарните избори, што се одржаа во септември, кога оваа партија освои 13 проценти од гласовите и стана трета по сила партија во Бундестагот.

Пад бележат и рејтинзите на либералната партија ФДП и партијата на зелените, откако минатата недела пропаднаа преговорите за формирање влада меѓу конзервативниот блок на Меркел и овие две партии. ФДП и партијата на зелените загубиле по еден процент од поддршката и сега имаат 10, односно 9 проценти.

Анкетата била спроведена на 1.225 граѓани на Германија со право на глас.


Меркел категорично против нови избори


Берлин, 25 ноември, 2017 - 22:25 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека е категорично против предвремени парламентарни избори, по неуспехот да формира влада со либералната партија ФДП и со партијата на зелените.

– Апсолутно не сум убедена дека треба да ги повикаме граѓаните да гласаат повторно – изјави Меркел на конференција на нејзината Демохристијанска партија (ЦДУ), пренесуваат агенциите.

Таа истакна дека на Европа ѝ е потребна силна Германија и дека е пожелно бргу да се формира влада.

Меркел е подготвена да почне разговори со Социјалдемократската партија на Германија (СПД) за повторно формирање на голема коалиција.

Лидерот на социјалдемократите, Мартин Шулц, кој е под голем притисок да прифати нова коалиција со ЦДУ, заедно со Меркел и со лидерот на нејзината сестринска партија ЦСУ, Хорст Зехофер, в четврток треба да има заедничка средба со претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмаер.