ДУИ ја поздрави одлуката на Врховен суд за случајот „Монструм“


Тетово, 2 декември, 2017 - 15:02 (META) 

Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја поздрави одлуката на Врховен суд за повторно судење на случајот „Монструм“ и за ослободување на обвинетите да се бранат од слобода.

„Барањето на обвинителството, како и одлуката на судиите се праведни и во согласност со нашите и со очекувањата на граѓаните. Уште од почетокот на истрагата, и потоа, на судењето на случајот, Демократската унија за интеграција инсистираше на целосно расветлувањето на вистината, транспарентно судење на случајот со истакнат меѓународен надзор и регионална соработка на институциите“, се вели во соопштението на ДУИ.

Во него се додава дека „партијата останува силно посветена на реформи во судството според препораките на Европската Унија и за владеење на правото и законот и во сите други спорни случаи кои предизвикаа сомнежи“.


ВМРО-ДПМНЕ: Договорот зад затворени врати предизвикува сомнеж и тензии


Скопје, 2 март, 2017 - 9:19 (META) 

Прифаќањето платформи на туѓи држави како основа за преговори и за формирање коалиции е процес кој води кон разградување и кон редефинирање на државата, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница ја анализирал политичката состојба по постигнувањето договор меѓу СДСМ и ДУИ, со кој биле обезбедени потписи за барање мандат за составување на идната владина коалиција.

– Нетранспарентноста на целата постапка и криењето на договорот, остава огромен сомнеж за ризиците што ги содржи истиот. Според ИК, постигнувањето договор со кој се одлучува за иднината на унитарна, суверена и мултиетничка Македонија зад затворени врати, креира тензии во земјата и го буди гневот меѓу граѓаните. Штетите предизвикани од ваквото постапување може да бидат огромни и далекусежни – велат од партијата.

ИК на ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмирал позицијата и ставот на партијата дека во конкретниов случај, „помала е цената да се удоволи на желбата на СДСМ кој сака да се дограби до власт и покрај поразот што го доживеа на минатите избори“.

– ВМРО-ДПМНЕ би ја поддржала идната нивна влада, само доколку се откажат од уцените и целосно ја отфрлат платформата од Тирана. Реализацијата на платформата од Тирана ќе значи целосно редефинирање на Македонија, нејзино претворање од мултиетничка во бинационална држава, која во подоцнежните фази ќе се федерализира, кантонизира и ќе се подели – велат од партијата.


Зврлевски: Не гледам причина за недоверба во работата на јавниот обвинител


Скопје, 8 март, 2015 - 11:09 (META) 

Државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, изјавил дека не гледа никаква причина за недоверба и за сомневање во неговата работа, објави „Дојче веле“, отакако партијата ДОМ, која е дел од владејачката коалиција, преку соопштение побара Зврлевски да си поднесе оставка.

– Јас не гледам причина за недоверба и за сомневање во работата на државниот јавен обвинител. Досега, со моето професионално постапување во рамките на моите надлежности, јас не сум сторил ништо со што би се нарушила или изгубила довербата во јавното обвинителство – изјавил Зврлевски.