!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Денеска претежно облачно, со температура до 2 степени


Скопје, 19 јануари, 2017 - 9:37 (META) 

Денеска времето во Македонија ќе биде претежно облачно, со повремени слаби до умерени врнежи од снег, особено во источните и во јужните делови од земјата. Во одделни котлини ќе има појава на магла, а ќе дува слаб до умерен ветер од северен и од североисточен правец.

Врнежите од снег во западните делови од земјата претпладне постепено ќе престануваат, а до крајот на денот се очекува да престанат и на исток.

Утринската температура се движи од минус 6 Целзиусови степени до нула, а дневната ќе достигне од минус 2 до 2 степени.

Во Скопје ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од снег кои од пладневните часови ќе престануваат, а ќе дува слаб до умерен ветер од претежно северен правец. Дневната температура во главниот град ќе достигне нула Целзиусови степени.

Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) највисока снежна покривка од 85 сантиметри утрово е измерена во Маврово, во Лазарополе снежната покривка изнесува 62 сантиметри, во Пожаране 61, Ѓуриште – 43, Крушево – 41, Тетово – 38, Берово – 31, Демир Капија – 30, Дебар и Тополчани – 25, Скопје – 22, Куманово – 20, Струмица – 16, Крива Паланка – 14, Претор – 13, Прилеп – 11, Штип – 8, Виница – 4 и во Охрид снежната покривка изнесува 2 сантиметри.


Облачно и снежно време со температура до 3 степени


Скопје, 16 јануари, 2017 - 9:24 (META) 

Утрово градот Скопје и делови од земјава повторно се зафатени од обилни врнежи од снег. Најмногу снег наврнал во Лазарополе, каде снежната покривка е со висина од 66 сантиметри, потоа во Маврово – 54 сантиметри, Пожаране – 31, Ѓуриште – 22, Крушево, Берово и Дебар – 18, Тетово – 16, Крива Паланка и Струмица – 11, Битола и Тополчани – 9, Куманово – 7, Виница – 4, Скопје – 3 и во Претор, Демир Капија, Охрид и во Дојран, снежната покривка изнесува 1 сантиметар.

За денеска синоптичарите прогнозираат претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег, особено во западните и во јужните делови. Ќе дува слаб, а во западните делови повремено умерен источен ветер.

Утринската температура се движи од минус 12 до нула Целзиусови степени, а дневната ќе достигне од минус 2 до 3 степени.

Во Скопје ќе преовладува слично време, претежно облачно и студено, со повремени врнежи од снег. Максималната дневна температура во главниот град ќе достигне до 1 Целзиусов степен.

Според Упрвата за хидрометеоролошки работи, од утрово подрачјето на Македонија ќе биде под влијание на влажна и постудена воздушна маса која во наредните денови ќе предизвика претежно облачно и постудено време со повремени врнежи од снег.

Врнежите ќе бидат со променлив интензитет, а повеќе ќе бидат застапени во западните и во јужните делови. Пообилни врнежи се очекуваат в среда кон крајот на денот и во текот на ноќта кон четврток, особено во јужните делови. Овие врнежи ќе предизвикаат зголемување на снежната покривка на повисоките места и на планините. Дневната температура ќе биде без поголеми промени и ќе се движи во интервал од минус 3 до 4 степени.


Променливо облачно и потопло време, со дневна температура над нулата


Скопје, 13 јануари, 2017 - 9:33 (META) 

Денеска времето во Македонија ќе биде променливо облачно, со сончеви периоди и со дневна температура над нулата. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Попладне и кон крајот на денот, во западните делови од земјата, на планините ќе има повремени врнежи од снег, а на пониските места од дожд. По одделни котлини ќе има појава на слаба магла.

Утринската температура се движи од минус 17 до минус 4 Целзиусови степени, а дневната ќе достигне од нула до 6 степени.

Во Скопје се очекува слично време, променливо облачно со сончеви периоди. Дневната температура во главниот град ќе достигне до 2 Целзиусови степени.

Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), снежната покривка измерена утрово во 7 часот е највисока во Маврово – 52 сантиметри, во Лазарополе – 42, Пожаране – 36, во Тополчани – 33, Берово – 28, Дебар – 25, Ѓуриште – 24, Крушево – 23, Битола – 19, Крива Паланка – 16, Куманово, Струмица и Претор – 15, Виница – 12, Демир Капија, Штип и Охрид – 11, Скопје и Прилеп – 10, Гевгелија – 2 и во Дојран снежната покривка е најниска и изнесува 1 сантиметар.


Времето и денеска многу студено со слаб ветер


Скопје, 12 јануари, 2017 - 9:23 (META) 

Времето во Македонија ќе биде многу студено, а преку денот претежно сончево, со пораст на дневната температура. Утринската температура ќе се движи од минус 20 до минус 9 Целзиусови степени, а дневната од минус 4 до 5 Целзиусови степени.

Во Скопје времето ќе биде сончево со слаб западен ветер. Утринската температура ќе се спушти до минус 18 Целзиусови степени, а дневната ќе се искачи до 2 степени.

Најстудено утрово е во скопски Петровец и во Берово со минус 21 Целзиусов степен.

Како што информира УХМР, висината на снежната покривка до седум часот е најголема во Маврово – 62 сантиметри, Лазарополе – 47 сантиметри и во Пожаране 41 сантиметар.


Облачно и многу студено време, со слаби врнежи од снег


Скопје, 6 јануари, 2017 - 9:53 (META) 

Денеска времето во Македонија ќе биде облачно и студено, со повремени врнежи од снег со послаб интензитет во претпладневните часови. Ќе дува силен ветер од северен правец, а можна е појава на снежни навеви.

Утринската температура се движи од минус 10 до нула Целзиусови степени, а максималната дневна ќе се движи во интервал од минус 10 до минус 3 степени.

Во Скопје се очекува слично време, облачно и многу студено, со слаб повремен снег во претпладневните часови. Дневната температура во главниот град ќе изнесува минус 7 Целзиусови степени.

Според синоптичарите, најмногу снег има наврнато во Маврово, каде снежната покривка изнесува 74 сантиметри, потоа 65 сантиметри во Пожаране, Лазарополе – 52, Тетово – 40, Ѓуриште – 27, Крива Паланка – 26, Тополчани – 25, во Крушево и во Берово – 23, Битола – 21, Охрид – 20, Скопје, Петровец и Куманово – 18, Штип – 17, Прилеп – 14, Струмица – 12, Демир Капија – 11, Виница – 10, Претор – 8 и во Дојран снежната покривка изнесува 6 сантиметри.

Врнежи од снег во крајниот југоисточен дел од земјава нема.


Сообраќајот се одвива во зимски услови, снежна покривка има во Крушево и во Маврово


Скопје, 28 декември, 2016 - 9:36 (META) 

Сообраќајот во државата се одвива во зимски услови по влажни коловози. Слаби врнежи од снег во раните утрински часови се бележат во Крива Паланка, Страцин, Попова Шапка, Маврово, планинскиот превој Плетвар, Штип и во Делчево, информираат од Автомото-сојузот на Македонија.

Снежна покривка е формирана во Крушево од 8 сантиметри, во Маврово – 9 сантиметри и во Лазарополе – 11 сантиметри.

Најстудено утрово било во Лазарополе, каде се измерени минус 9 Целзиусови степени, и во Маврово со минус 6 Целзиусови степени.


Времето денеска дождливо, со снег на повисоките места


Скопје, 28 ноември, 2016 - 9:11 (META) 

Времето во Македонија ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради спуштање на многу студена воздушна маса од север, ќе дува засилен северен ветер, а во попладневните часови врнежите и на некои повисоки места ќе поминуваат во снег.

Ќе се формира снежна покривка, особено на планините во западните делови. Температурата ќе се движи од 2 до 10 Целзиусови степени.

Во Скопје ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд. Температурата ќе достигне до 5 Целзиусови степени.