!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ЕУ: Новоизбраните градоначалници да придонесат за реформите


Скопје, 17 октомври, 2017 - 12:03 (META) 

Локалните избори што се одржаа на 15 октомври беа спроведени во натпреварувачка атмосфера, стои во соопштението на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, во врска со изборите.

Во оценката на изборниот процес, ЕУ се повикува на првичниот извештај на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и ги повикуваат властите во земјава ефективно да ги разгледаат препораките што ќе бидат испорачани од ОБСЕ/ОДИХР.

„Оценката на ОБСЕ/ОДИХР е дека локалните избори придонесоа за зајакнување на довербата во демократскиот процес и дека фундаменталните слободи на собир и на изразување беа целосно почитувани. Сепак, одредени веродостојни наводи за повреди на процесот беа нотирани во предизборниот период. Властите треба ефективно да ги разгледаат и да ги адресираат претстојните препораки на ОБСЕ/ОДИХР. Европската Унија е подготвена да помогне во овој процес. Земјата треба да го подготви вториот круг од изборите во дел од општините на 29 октомври и сите политички претставници треба да дејствуваат одговорно, а институциите да обезбедат услови за веродостоен и транспарентен изборен процес“, стои во соопштението.

Европската Унија ги охрабрува новоизбраните членови на локалните органи да придонесат во напредокот на реформската агенда што ќе ја приближи земјата кон ЕУ и додава дека Унијата ќе продолжи да ја поддржува земјата во реформскиот процес.


Заев на средба со делегација на ОБСЕ: Очекуваме победа на слободни и демократски избори


Скопје, 25 септември, 2017 - 19:20 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска заедно со потпретседателот на партијата, Дамјан Манчевски, шефот на изборниот штаб, Миле Зечевиќ, и со Стевица Јосифовски од правниот комитет на СДСМ, се сретна со делегација на ОБСЕ, предводена од Нина Соумалаинен, шефица на ОБСЕ во Скопје, и од Џеф Били, раководител на политичкиот оддел.

На средбата претставниците на СДСМ и на ОБСЕ разговарале за актуелната политичка состојба во пресрет на локалните избори, како и за спроведувањето на реформскиот процес во интерес на граѓаните. Соговорниците заклучиле дека спроведувањето на фер, слободни и регуларни избори ќе има големо влијание врз целокупниот демократски амбиент во државата.

– Како партија, целосно сме подготвени за локалните избори на кои сме убедени дека ќе победиме. Јасно е дека на Македонија ѝ се потребни слободни, фер и демократски избори што одамна ги немала. Во таа насока посветени сме на гаранциите за фер избори. Оттука и бројните одлуки на Владата на Република Македонија со кои изрично се забранува употребата на средства во државна сопственост за партиски цели. Сите носители на јавни функции имаат обврска доследно да ги почитуваат законите – изјави Заев.


Беса на Заев му вети поддршка за решенијата важни за граѓаните


Скопје, 30 јуни, 2017 - 21:56 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретнал со претседателот на Беса и со двајца пратеници од партијата, при што добил уверување дека партијата ќе ги поддржи сите решенија што се во полза на граѓаните, информираа од Владата.

На средбата, претседателот на Беса, Билал Касами, и пратениците Африм Гаши и Фадил Зендели, на Заев му го честитале преземањето на премиерската фунција, а Касами порачал дека дека партијата гo поддржува реформскиот процес кој е особено важен за евроатлантските интеграции на Република Македонија.

„Беса, како што е најавено, ќе ги поддржи сите решенија на важни прашања од интерес на граѓаните. Заеднички се констатираше дека таквите прашања треба да бидат приоритет на секој одговорен политички субјект во државата. Премиерот Заев соопшти дека е определен кон инклузивни политики и оцени дека ваквиот конструктивен став на партијата Беса е во насока на градење заедничка добра иднина, за државата и за сите граѓаните на Република Македонија“, стои во владиното соопштение.


Заев ја поканил ДПА да се вклучи во процесот на реформите


Скопје, 19 јуни, 2017 - 16:39 (META) 

На денешната средба што премиерот Зоран Заев ја имал со претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, тој упатил покана партијата да се вклучи во процесот на реформи што ѝ претстојат на Македонија, информираше Владата на Република Македонија.

„Премиерот Зоран Заев и претседателот на ДПА, Мендух Тачи, се согласија дека сè што е интерес на граѓаните на Република Македонија заслужува поддршка од опозициската партија. Во таа насока претседателот на ДПА, Мендух Тачи, најави дека партијата ќе биде конструктивна опозиција, која ќе ги поддржува интересите на граѓаните и реформските процеси, кои значат придвиживање во евроатланските интеграции, но во исто време ќе биде гласна во своите ставови и критики на политиките за кои партијата ќе смета дека не се спроведуваат соодветно“, стои во соопштението од Владата.