Заев: Ме местеа за поткуп за да ги спречат „бомбите“


Скопје, 30 април, 2018 - 13:38 (META) 

Ме местеа за ги спречат „бомбите“, рече премиерот Зоран Заев, кој е обвинет за случајот „Поткуп“, по денешното судско рочиште во Основен суд Скопје 1.  Тој смета дека најверојатно станува збор за пазерање со одредени политички структури за да биде спречено објавувањето на „бомбите“.

Откако на почетокот на денешното рочиште судијата Дарко Тодоровски соопшти дека Апелацискиот суд Скопје ја прифатил жалбата на Обвинителството, видео снимката од кабинетот на Заев да биде пуштена во судницата без присуство на новинарите, премиерот рече дека ќе бараат начин исечените делови од видеото да ги пуштат во јавноста.

– Станува збор за моето достоинство и углед – рече Заев.

Тој вели дека снимките што биле пуштени во судницата го докажуваат тоа што го тврделе, дека станува збор за местенка за да се оцрни неговиот углед.

Следното рочиште е закажано за 7 мај, кога Заев треба да биде распрашан, а ќе бидат изведувани и докази од одбраната.

На претходните рочишта Заев бараше снимката од ПИ-мерките да се пушти јавно, но Апелацискиот суд не го дозволи тоа.

Премиерот Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Сачевалиев Николов.

По судењето, одговарајќи на новинарски прашања, премиерот Заев рече дека е можна реконструкција на владата, но исто така постои опција да не се случи никаква промена.

– Течат во континуитет разговорите за проширување на владината коалиција и сакам да успее овој процес онака колку што постои подготвеност од двете страни, односно од помалите опозициони партии со кои преговарам и нашата владејачката страна – рече Заев пред Кривичниот суд во Скопје, прашан до каде е најавената реконструкција во Владата.

Притоа потсети дека ова прашање ќе ја информира јавноста по првомајските празници.


Продолжува судењето за предметот „Поткуп“ во кој е обвинет Заев


Скопје, 16 април, 2018 - 9:51 (META) 

Во Основен суд Скопје 1, на денешното рочиште за предметот „Поткуп“, во кој е обвинет премиерот Зоран Заев за барање поткуп во времето кога беше градоначалник на Струмица, треба да продолжи слушањето на разговорите од посебните истражни мерки (ПИМ).

Снимките кои ги обезбедил струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев, од кои еден дел можеше да види јавноста на „Јутјуб“, почна на минатото рочиште, во четвртокот, без присуство на јавноста. Заев и неговите адвокати побараа оваа снимка да биде презентирана јавно, бидејќи, според нив, снимката која беше објавена на „Јутјуб“, а со која се создаде впечаток дека Заев барал поткуп, е нецелосна.

Според Заев, во разговорите апсолутно нема никакви докази и оти станува збор за редовни комуникации на тогашен градоначалник со осомниченото лице и сите други лица, како што се директори на институции, граѓани кои се јавуваат кај тогашниот градоначалник на Струмица.

Заев рече дека не ја знае точната бројка на сите разговори, но оти се работи за преку 10.000 разговори, дел направени како ПИ-мерки, а дел снимени без вклученост на обвинителството.

Адвокатите на Заев побараа исказот на сведокот Сачевалиев од претходното рочиште да не биде прифатен како доказ во постапката. Тие сметаат дека судската постапка не може да се базира на неговиот исказ бидејќи тој бил агент-провокатор, односно бил инструиран да бара поткуп. За ова барање Судечкиот совет најави дека дополнително ќе се изјасни.


Рочиштето за „Поткуп“ oдложено, судот одби да ги изземе снимките објавени на „Јутјуб“


Скопје, 27 септември, 2017 - 10:58 (META) 

Рочиштето за случајот „Поткуп“, во кој првообвинет е премиерот Зоран Заев, денеска беше одложено поради боледување на судијката Дијана Груевска-Илиевска. Следното рочиште е закажано за 20 ноември.

Судијката Ленка Давиткова на одбраната ѝ го врачи решението од Основниот суд Скопје 1 дека одбиено им е барањето од предметот да бидат изземени доказите од посебните истражни мерки (ПИМ), односно снимките што беа објавени на „Јутјуб“ пред две години.

Адвокатот на Заев, Филип Медарски, најави жалба на ова решение.

Според обвинението, Заев се товари дека во својство на службено лице, како градоначалник на Струмица, од бизнисменот Иван Николов побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден квадратен метар, за градежно земјиште во Струмица кое бизнисменот бил заинтересиран да го приватизира.


Објавена нова видеоснимка од кабинетот на Груевски


Скопје, 8 март, 2015 - 10:32 (META) 

На интернет-сервисот „Јутјуб“ е објавена нова видеоснимка од кабинетот на премиерот Никола Груевски. На снимката се гледа како Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, разговараат за изборите, а Заев вели дека анкетите покажувале дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи.

Во реакцијата на СДСМ, пуштена по објавувањето на видеозаписот во медиумите, се наведува дека Груевски правел ново кривично дело со тоа што преку интернет-сервисот пуштал во јавност видеоснимки од тет-а-тет разговори во неговиот кабинет, за коишто самиот, како што пишуваат во соопштението, пред некој ден рекол дека се направени со посебни истражни мерки на негово барање.

Ова е втора видеоснимка од средбата на двајцата политичари одржана во премиерскиот кабинет што се објавува во јавноста преку сервисот „Јутјуб“. Во првата, Заев му вели на Груевски дека материјалите ги добил од странска служба.

Заев неколкупати кажа дека на Груевски му рекол дека материјалите се од странски служби за да го заштити вистинскиот извор.

Видеоснимката можете да ја погледнете тука.


СДСМ поднесе кривична против Груевски за оддавање службена тајна


Скопје, 26 февруари, 2015 - 15:00 (META) 

Кривична пријава против премиерот Никола Груевски, за оддавање службена тајна, поднесе  денеска СДСМ. Во Основното јавно обвинителство беа Оливер Спасовски, генерален секретар на партијата, и Филип Медарски, адвокатот на партијата.

– Груевски на вчерашната прес-конференција изнесе податоци коишто, според Груевски, произлегуваат од содржини на применети посебни истражни мерки. Воедно, во кривичната пријава се пријавени и НН лица од МВР, судот и од обвинителството, кои имале допир со материјалите од посебните истражни мерки, со што и тие учествувале во достапноста на овие материјали во јавност, за што постои кривично дело и кај нив – рече Оливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ.


СДСМ: Јавното обвинителство со соопштението потврди кривично дело


Скопје, 4 февруари, 2015 - 1:00 (META) 

Јавното обвинителство (ЈО) со кусото соопштение, за кое му требаше цел ден, потврди кривично дело во случајот со објавениот видеоматеријал на телевизија „Сител“, од разговор во четири очи помеѓу Никола Груевски и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во кабинетот на премиерот, реагираа од опозициската партија на соопштението на Јавното обвинителство.

– Дали соопштението на Јавното обвинителство кажува дека Груевски нарачал следење и прислушување на претседателот Заев, со тоа што обвинителството го спречи емитувањето на видеоматеријалот? Бидејќи забрана за емитување видеоматеријали може да има само ако се тие обезбедени со посебни истражни мерки. Јавното обвинителство треба да даде одговор дали Груевски нарачал следење и прислушување на претседателот Заев и на која основа бил следен и прислушуван претседателот на СДСМ – пишува во соопштението на СДСМ.


СДСМ ќе поднесе кривична пријава против Никола Груевски


Скопје, 3 февруари, 2015 - 15:05 (META) 

Кривична пријава за Никола Груевски за неовластено прислушување и снимање ќе поднесе СДСМ, рече Петре Шилегов, портпаролот на партијата, на денешната прес-конференција.

– Според Кривичниот законик, неовластено прислушување и снимање не е дозволено, што значи Груевски го прекршил законот. Ако постоеле посебни истражни мерки, сторено е кривично дело во согласност со членовите 360 и 360а  – оддавање службена тајна. Сега Јавното обвинителство е на потег, ајде да видиме како ќе постапи кога станува збор за Груевски. Премиерот, пак, треба да одговори на прашањето од кога е следен лидерот на опозицијата, Зоран Заев. Претседателот на СДСМ јавно соопшти дека уште за време на криминалните избори минатата година, во разговор со Никола Груевски, побарал одговори дали е следен и дали е под посебни истражни мерки од МВР, но до денес одговор на тоа прашање нема – вели Шилегов.

Според него, објавувањето на податоците за движењето на претседателот на СДСМ во провладините медиуми пред околу една година, потврдува дека лидерот на опозицијата е следен подолг временски период.

– Значи Никола Груевски го следи, го прислушува и го снима лидерот на опозицијата долго време. Никола Груевски ги снима тие што доаѓаат на политички средби во неговиот кабинет. Незапамтени примери без преседан во Европа и во целиот демократски свет – рече Шилегов.