Ватикан не реагира на изградбата на скапиот споменик на Мајка Тереза


Скопје, 3 октомври, 2015 - 10:44 (META) 

На полоштадот Македонија почна изградбата на спомен-облежјето на Мајка Тереза, кое ќе биде високо 32 метри и за кое од буџетот ќе бидат издвоени 5 милиони евра, без вклучен ДДВ.

Кога во средината на јуни Министерството за култура го објави тендерот за изградба на споменикот, редакцијата на „Мета“ побара мислење од Ватикан и од римокатоличкиот поглавар, папата Франциск, за одлуката на Владата да изгради споменик на скромната хуманитарка Мајка Тереза, кој ќе чини дури 5 милиони евра.

mail 1 mail 2

Одговор од Светиот стол на прашањето како Папата ја коментира одлуката на македонската влада за изградба на споменик кој чини 5 милиони евра – не добивме.

Според тендерот, изведувачот на 600 квадрадни метри треба да изгради објект со тераса, фонтана, како и споменици на Мајка Тереза, милосрдни сестри, ангели, декоративни венци во форма на пехар и други релјефи од мермер и од бронза.

Идејното решение е на архитектите Валентина Стефановска и Кирил Мукаетов.

Тендерот го доби фримата „Бетон“, а градежните работи ќе траат 18 месеци. Надзорот над изведбените активности ќе го врши Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии, додека проектната документација за овој објект ја изработи Градежниот институт „Македонија“.

Споменикот требаше да го гради индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој поради проневера од две милијарди фунти е во затвор од март минатата година.

– Ќе изградиме голем дом, дом на Мајка Тереза. Имам предлог до македонската влада и до граѓаните, статуата што ќе ја изградиме во Скопје да се вика Статуа на хуманоста – изјави Рој на означувањето на почетокот на реализација на проектот за поставување на спомен-облежје на Мајка Тереза.

Бидејќи донацијата не беше реализирана, Министерството за култура го презеде финансирањето на проектот.

Груевски и Субрата Рој

Никола Груевски и Субрата Рој во јануари 2013 година го означија почетокот на реализацијата на проектот за поставување на спомен-обележје на Мајка Тереза


Папата ги повика сите европски парохии да згрижат по едно мигрантско семејство


Рим, 6 септември, 2015 - 13:58 (META) 

Папата Франциск денеска од плоштадот Свети Петар во Ватикан упати повик до сите европски парохии и верски заедници да прифатат по едно мигрантско семејство, како знак на солидарност кон огромниот број бегалци кои преку Балканот, Средноземно Mоре, Италија и Грција доаѓаат во Европа, бегајќи од ужасот на војните на Блискиот Исток, јавуваат светските агенции.

Повикот на врховниот водач на католиците, кој и самиот е внук на италијански емигрант во Аргентина, бил поздравен со аплауз од толпата верници кои денеска се собрале на плоштадот Свети Петар.

„Упатувам апел до парохиите, верските заедници, манастирите и до светилиштата во цела Европа да згрижат по едно бегалско семејство“, рекол папата Франциск.

Како што јавуваат агенциите, двете парохии во папската држава Ватикан ќе бидат првите што ќе згрижат бегалци.

Само во Италија има околу 25.000 парохии и уште 12.000 во Германија, земја која е крајна дестинација за најголем број од бегалците кои бараат азил.


Папата Франциск: Мигрантите не се стока


Торино, 21 јуни, 2015 - 14:51 (META) 

Папата Франциск изјави дека мигрантите не смеат да се сметаат за одговорни за економските неприлики и дека не смеат да се третираат како „стока“.

Римокатоличкиот поглавар, кој е во својата прва посета на Торино, индиректно го осуди одбивањето на мигрантите во Европа во време кога Европската унија е поделена по ова прашање.

Шефовите на дипломатијата на Европска унија утре ќе почнат поморска мисија на Средоземно Море за спречување на шверцот со луѓе, а мисијата најверојатно ќе биде оперативна една недела подоцна.

– Мигрантите не се одговорни за тоа што придонесуваат за зголемување на конкуренцијата, бидејќи тие се само жртви на неправда и на војна. Човечките суштества не треба да се третираат како стока – рече римокатоличкиот поглавар.

Папата Франциск говореше за проблемите со корупција во Италија која што денес е, како што рече, толку честа што станала нормално однесување, како и за измамите, митото и за мафијашките врски.

По говорот, папата ја обиколи катедралата „Пиемонт“ и се помоли.
Светата покривка од ленено платно, за која се верува дека го обвивала телото на Исус, ќе биде изложена во Торино на 24 јуни.


Ал Каеда се обидела да го убие папата Франциск


Рим, 10 февруари, 2015 - 16:22 (META) 

Милитантната група Џама исламија, разгранок на Ал Каеда во Југоисточна Азија, сакала да го убие папата Франциск за време на неговата посета на Филипини, пишува „Кориере дела сера“. Нападот требало да го изврши терористот познат под името Марван.

Тој требало да направи бомба и да ја актибира на 18 јануари додека папата минувал низ центарот на Манила, главниот град на Филипини.

Полицијата го спречила нападот, а Марван е убиен една недела подоцна во операција на специјалците. Тој бил пронајден во џунглата на островот Минданао, каде се криел од 2013 година. За него била распишана награда од пет милиони долари.


Папата Франциск ги дијагностицира болестите на Римската курија


Ватикан, 22 декември, 2014 - 17:14 (META) 

Папата Франциск денеска, во своето традиционално обраќање пред ватиканската администрација, издвоил 15 „болести“ од кои црквата и високото свештенство, а особено членовите на Римската курија, мораат да се чуваат, осудувајќи ја склоноста кон површност, ривалство, кариеризам, озборување, клевета и неслога, пренесуваат светските медиуми.

Меѓу болестите од кои страда куријата, папата Франциск ги набројал чувството на бесмртност, духовен Алцхајмер, егзистенцијалната шизофренија, каменото срце, лажниот нарцизам, секуларниот егзибиционизам, ривалството за слава, смртната сериозност и тероризмот на озборувањето.

Куријата е административен апарат на Светиот стол и негово централно управно тело со помош на кое папата ја води Католичката црква.

Светските агенции наведуваат дека папата Франциск во своето традиционлано обраќање на свештениците од куријата во Клементинската сала на Апостолската палата, бил невообичаено остар и дека по завршувањето на говорот добил ладен аплауз.

На почетокот на говорот тој им оддал почест на сите оние „невидливи“ лица кои овозможуваат Ватикан секојдневно да функционира.

Откако накратко им се заблагодарил на кардиналите и на бискупите за работите извршени во текот на годината, папата оценил дека, како и меѓу сите луѓе, и во куријата има „неверба“ кон Евангелието и дека ѝ се закануваат болести кои треба да се лекуваат.

– Убаво би било да се замисли Римската курија како модел на црква, тело кое е со секој нов ден сè поединствено и складно, сложено тело со многу различни елементи кои немаат иста функција, но се усогласени во својата работа и покрај меѓусебните разлики – нагласил папата Франциск.

„Но, пред да се лекува, треба да се биде свесен за болеста“, рекол папата, повикувајќи ги бискупите и кардиналите да дозволат да бидат вдахнати од Светиот Дух и да не се потпираат само на своите интелектуални и организациски способности.

„Свештениците се како авиони. Единствени се кога паѓаат“, рекол папата.

Франциск по изборот за папа во 2013 година почна длабоки реформи на куријата, која се бори со бројни внатрешни спротиставености. Крајот на понтификатот на Бенедикт Шеснаесетти во куријата откри низа интриги, склоности кон кариеризам и сплеткарење зад грбот на папата.


Папата Франциск нема да се сретне со далај лама во Рим


Ватикан, 11 декември, 2014 - 18:49 (META) 

Папата Франциск нема да се сретне со далај лама за време на посетата на тибетанскиот духовен водач на Рим, престојниот викенд, соопштил денеска портпаролот на Ватикан, пренесуваат медиумите.

Далај лама утре ќе допатува во тридневна посета на италијанската престолнина, каде што ќе присуствува на состанокот со другите добитници на Нобеловата награда за мир.

Неименувани извори за медиумите коментираат дека Ватикан ваквата одлука ја донел за да не ја налути Кина и да не ги загрози своите напори за градење подобри односи со Пекинг, како и за да не предизвика одмазда против малата католичка заедница во Кина.

Средбата на нобеловците првично требаше да се одржи во Јужна Африка, но владата во Преторија, која настојува да ги подбори односите со Кина, одби да му издаде виза на тибетанскиот духовен водач.

Портпаролот на Ватикан денеска рекол дека папата Франциск исклучително го почитува далај лама, но нема да се сретне со ниту еден од лауреатите на Нобеловата награда и додал дека врховниот поглавар на Католичката црква ќе упати видеопорака која ќе биде емитувана во текот на конференцијата на нобеловците.