!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ФБИ и НСА го негираат тврдењето на Трамп за прислушување


Вашингтон, 20 март, 2017 - 18:47 (META) 

Директорите на американските водечки безбедносни и разузнавачки агенции изјавија дека немаат информации што би ги потврдиле тврдењата на претседателот на САД, Доналд Трамп, дека неговиот претходник Барак Обама прислушувал пред изборите.

– Со почитување на претседателските твитови за тоа дека претходната администрација го прислушувала, јас немам информации што би ги поддржале тие твитови – изјави директорот на ФБИ, Џејмс Коми, за време на неговото сведочење во Конгресот на САД.

Според неговите зборови, ист став има и министерството за правда, кое ја надгледува работата на ФБИ и на другите агенции.

Коми додаде дека ниту еден поединец не може да нареди прислушување на некој граѓанин на Америка, туку дека дозвола за тоа даваат судовите по ригорозен процес на одлучување.

Пред Конгресот сведочеше и директорот на НСА, Мајк Роџерс, кој ги отфрли сугестиите на Трамповата администрација дека Националната безбедносна агенција барала од британските разузнавачки служби да го шпионираат претседателот на САД.


Германија усвои закон за шпионирање сојузници


Берлин, 21 октомври, 2016 - 16:01 (META) 

Пратениците во Германија усвоија закон кој ѝ овозможува на разузнавачката агенција БНД да шпионира институции на Европската Унија и на други земји-членки на асоцијацијата.

Ова е дел од пакетот закони што се однесуваат на мерките за унапредување на надзорните шпионски активности, јавуваат светските агенции.

Со законот е предвидено воспоставување комисија од независни судии, која ќе мора да биде известена кога БНД ќе ги шпионира сојузниците.

Предвидено е шефот на разузнавачката служба еднаш годишно да одговара на пратенички прашања.

Мерките се побарани откако поранешниот соработник на НСА, Едвард Сноуден, објави документи што укажуваат дека БНД ѝ помагала на американската НСА при шпионирање цели, како што се групацијата „Ербас“, францускиот претседател и Европската комисија.


Сноуден бара од Обама да го помилува


Москва, 13 септември, 2016 - 20:56 (META) 

Најпознатиот американски свиркач и поранешен соработник на НСА, Едвард Сноуден, го повика претседателот на САД, Барак Обама, да го помилува.

Тој вели дека било „морално неопходно“ да ги објави податоците за масовниот надзор.

– Да не беа тие сознанија, тие откритија, ќе беше полошо за нас – изјави Сноуден, кој помина три години во Русија, откако го предизвика еден од најголемите скандали со протекување на информации во американската историја.

Сноуден, чија дозвола за престој во Русија истекува наредната година, порача дека е подготвен да помине време во затвор во САД и дека многу се жртвувал за својата земја.

– Постојат закони во книгите кои говорат едно, но можеби поради тоа постои моќта на помилувањето – за исклучоци, за работи кои можеби изгледаат незаконски на хартија, но кога ги гледаме морално, кога ги гледаме етички и кога ќе ги погледнеме резултатите, се чинат како да биле неопходни – порача Сноуден од Москва во интервју преку видеолинк за британски „Гардијан“.

Сноуден во мај 2013 година ја напуштија својата работа во НСА и отпатува за Хонгконг од каде го почна објавувањето на доверливите податоци за глобалните програми за следење и за тоа како НСА прислушувала телефони и компјутерски системи, предизвикувајќи загриженост на владите во светот.


Од полноќ престанува масовното прислушување во САД


Вашингтон, 28 ноември, 2015 - 16:51 (META) 

Националната безбедносна агенција (НСА) на Соединетите Американски Држави, согласно новите законски одредби, од ноќеска на полноќ ја прекинува досегашната пракса на секојдневна проверка на податоците од телефонските разговори на милиони американски граѓани, пренесуваат светските агенции.

НСА својата масовна програма за следење на комуникациите ќе ја прекине вечерва во 23.59 часот по стандардно источно време, односно во 5.59 часот во недела по средноевропско време.

По ова, НСА ќе почне да користи ограничени методи за надзор на комуникациите, кој како што во петокот најавиле од Белата куќа мора да биде оперативен од ноќеска на полноќ.

Програмата за масовно следење на комуникациите беше воведена по терористичките напади од 11 септември 2001 година како мерка за заштита од нови напади.

Комисијата за ревизија што ја именуваше претседателот на САД, Барак Обама заклучи дека досегашниот режим за надзор не постигнал никаков конкретен напредок во борбата против тероризмот.

Агентите на НСА и другите агенции кои треба да ги спроведуваат новите законски одредби, од сега ќе мораат да обезбедат судски налог за да можат да бараат од телекомуникациските оператори дозвола за контрола на податоците за телефонските повици на секоја поединечна личност или група која сакаат да ја надгледуваат во период не подолг од шест месеци.