Турнати две статуи на народни херои во Маврови Анови


Гостивар, 22 јуни, 2018 - 12:28 (META) 

Засега непознати лица турнале и ничкосале две статуи на народни херои од Втората светска војна во Маврови Анови, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Случајот вчера го пријавил 74-годишен маж во Полициското одделение Маврово. Турнати биле статуите на народните херои Чеде Филипоски и Злате Малакоски.

Полицијата вели дека се врши истрага.


И по една деценија бистите на народните херои во Тетово не се вратени


Тетово, 19 ноември, 2015 - 16:48 (META) 

Тетово денеска го празнуваше 19 ноември, денот кога градот се ослободи од фашистичкиот окупатор, но на чествувањето и годинава почитувачите на овој празник, не можеа да им оддадат почит на народните херои Тодор Циповски – Мерџан и Ѓоце Стојчески – Амбарче.

Спомен-бистите на двата херои, кои Општина Тетово пред 10 години ги острани поради реконструкција на градскиот плоштад, сè уште не се вратени.

Сојузот на борци од Тетово упати критика до Општината, која, според нив, нема желба повторно да ги постави овие две обележја.

– Од Општина Тетово велат дека бистите ќе бидат поставени заедно со споменици на личности од албанската историја, за кои треба да се изработи елеборат. Немаме против да се постават вакви обележја, но најпрвин треба да се постават народните херои, кои и претходно постоеле на плоштодат – вели претседателот на Сојузот на борци од Тетово, Стојан Петрушески.

Општината, очигледно, не ги почитува народните херои што се бореа против окупаторот, реагираат од Сојузот на борците бидјеќи денеска пред Споменикот на револуцијата локалната самоуправа не испрати свој преставник да присуствува на честувањето, по повод ослободување на Тетово, кој како последен град во Македонија се ослободи од прангите на фашизмот.

– Општина Тетово треба да биде носител на вакви празнувања, а сега гледаме дека тука нема ниту еден нивни преставник, кој би им оддал почит на жртвите што го дадоа својот живот за слободна Македонија – додаде Петрушевски.

Од локалната самоуправа не добивме одговор на прашањето до каде е изработката на елаборатот со новите споменици, кои според општинската најава, би се поставиле во центарот на Тетово, заедно со тие на двата народни херои.

З.Д.