!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Чувар крадел лични предмети на Тито од Музеј во Белград


Белград, 17 јануари, 2017 - 20:01 (META) 

Белградската полиција уапсила вработен од обезбедувањето на Музеј на историјата на Југославија, под сомневање дека украл предмети од музејот кои му припаѓале на Јосип Броз Тито.

Како што денеска соопшти српското министерство за внатрешни работи, осомничениот И.М. (38) крадел експонати од збирката „Подароци и лични предмети на Јосип Броз Тито“, за чие чување бил задолжен, брошеви и игли за вратоврски од благородни метали, украсени со скапоцени камења, ковани монети од римскиот период и други лични работи на Јосип Броз, како и подароци од странски државници.

Уапсениот, како што се наведува, го извршил кражбите повеќекратно, за време на редовните смени кон крајот на минатата година.

Украдените предмети, кои претставуваат културно и историско добро, осомничениот ги продавал и така заработил повеќе од 16.000 евра. Полицијата пронашла дел од украдените предмети и ги вратила во музејот.


Завод и музеј Охрид не се надлежни за издавањето одобрение за хотелот во Лагадин


Охрид, 28 декември, 2016 - 13:58 (META) 

Од охридската локална самоуправа сметаат дека нема ништо спорно во изградбата на хотелот на Лагадин, а од Завод и музеј Охрид се произнесоа дека немаат надлежност околу издавањето одобрение за градба на хотелот во Лагадин.

– НУ Завод и Музеј од Охрид нема надлежност да изработи заштитно-конзерваторски основи за општ акт за село Лагадин ниту, пак, има каква било надлежност при ревизијата на проектната документација за предметниот објект и при издавањето на потребното одобрение за градење. Надлежностите на националната установа завршуваат со констатацијата дека на предметниот простор не постојат заштитени или евидентирани споменички добра или археолошки локалитети – изјави за „Охрид њуз“, директорката Тања Паскали-Бунташеска.

Пред да биде изработен општиот акт за село Лагадин, од Завод и музеј Охрид било побарано мислење за евентуално постоење на заштитени или евидентирани споменички добра, како и за постоење на евидентирани или заштитени археолошки локалитети, за што тие дале негативен одговор.


Денеска се отвора Музеј на охридскиот бисер во Охрид


Охрид, 25 декември, 2016 - 12:06 (META) 

Денеска во Охрид се отвора Музејот на охридскиот бисер, кој ќе биде уште едно незаобиколно катче за туристите.

Во срцето на старото градско јадро, веднаш над катедралната црква „Св. Софија“, музејот го отвора познатото семејството Филеви од Охрид, кое, заедно со само уште едно друго семејство – Тилеви, ги знае тајните во изработката на оригиналниот охридски бисер.

Сеќавањата на потомците на Филеви, велат дека приказната за изработката на оригиналниот охридски бисер, почнува во 1928 година, кога во ресторанот на нивните предци, со име „Велика Србија”, дошол извесниот Јован Субанович, емигрант од Русија.

Приказната вели дека тајната е донесена од Бајкалското Езеро, полно со ендемичен жив свет, исто како и Охридското, каде пак егзистира малата рипка – охридската плашица, која порано ја имало во изобилиство и од чии седефни крлушки на кожата се изработувала емулзијата за бисерот.

Најмладиот наследник на семејството и традицијата, Михајло Филев, вели дека во Музејот посетителите ќе може да го запознаат целиот процес на изработка на надалеку прочуениот охридски бисер.

Ќе бидат изложени оригиналните алатки со кои се изработуваат бисерите, фотографии од семејството од годините на почетокот на изработката на бисерите, како и фотографии на личности од земјата и од светот, кои го купиле или го добиле како подарок охридскиот бисер.

Меѓу нив се и познати личности од светот на политиката, бизнисот и естрадата, како и кралицата на Обединетото кралство, Елизабета Втора.


Лустерот од Офицерскиот дом во Битола лежи на земја и чека инструкции


Битола, 19 август, 2016 - 15:20 (META) 

Полицијата води истрага, а од Завод и музеј Битола чекаат упатства од Управата за заштита на културното наследство што да се прави со остатоците од кристалниот лустерот кој речиси шест децении го красеше Офицерскиот дом во Битола.

Остатоците од демолираниот лустер и натаму се на подот од салата. Полицијата изврши увид на лице место. Сега се  чекаат резултати од истрагата.

– Се работи тековно, потврдува  портапролот на СВР Битола, Сања Стаматова.

Директорот на Завод и музеј Битола, Зоран Алтипармаков, вели дека по увидот на полициски инспектори и струча екипа од Управата за заштита на културното наследство лустерот или остатоците од него и натаму се оставени на подот како доказен материјал.

– Во понеделникот беше направен увид од полицијата и наши стручни екипи. Не гледам зошто деловите од лустерот да се сместат во депото, тие се доказен материјал и стојат таму – вели Алтипармаков.

Според него експерти од Управата за заштита на културното наследство треба да испратат упатства што понатаму со остатоците од лустерот, но лично тој се сомнева дека нешто може да се спаси од него.

– Ги чекаме инструкциите од Управата , но и да ги добиеме што со нив. Лустерот е толку уништен што нема спас. Тоа е исто како кога ќе запалите едена црква до темели што би можеле да спасите од неа? –вели Алтипармаков.

Првиот човек на Завод и музеј Битола ја отфрла можноста дека лустерот можеби сам паднал. Вели дека Офицерскиот дом како конструкција е во добра состојба и не е можно сам да се сруши, туку е дело на хулигани кои намерно ги пресекле каишите и сајлите кои го држеле лустерот.

– Ваквото анархистичко однесување мора да се казни, оној или оние кои ја направија штета да ја платат, тоа е исто како со уништувањето на фасадите на Широк сокак – вели Алтипармаков.

На обвинувањата на битолската  опозиција дека после овој настан Директор на Завод и музеј треба да  понесе и морална и кривична одговорност заради негрижа и непрофесионално работење, тој возвраќа дека не се чувствува виновен бидејќи културното наследство не може да се крие и заклучува од јавноста туку треба да биде оставено на очиглед на сите кои се воодушевуваат на неговата убавина и вредност.


Музејски културен центар „Лапидариум“ во комплексот „Куќа на Робевци“ во Охрид


Охрид, 1 август, 2016 - 11:45 (META) 

Во рамките на музејскиот комплекс „Куќа на Робевци“ во Охрид почна да функционира музејскиот културен центар „Лапидариум“, кој беше целосно обновен со средства на Министерството за култура.

Музејскиот простор, кој е опремен со современи елементи, ќе служи како центар за презентација и за продажба на информативен и на стручен публикуван музејски материјал, како и за презентација на значајни сувенирски предмети изработени како копии од оригинални археолошки, етнолошки, сакрално-уметнички и други видови експонати, кои ќе им бидат достапни на домашните и на странски посетители.

Во музејскиот центар се презентирани и епиграфски споменици и други оригинални мермерни артефакти, а архитектонскиот изглед на објектот е целосно вклопен во околниот музејски простор со вградени и поставени оригинални камени и мермерни елементи, кои припаѓаат на античкиот и на ранохристијанскиот период.

Целта на обновата на Лапидариумот, кој се реализираше преку Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, е вклучување на институциите во насока на развој на културниот туризам, анимирање на музејскиот простор, како и збогатување на туристичката понуда на Охрид и презентација на културното наследство пред домашната и странската јавност.

Целосно беше обновен и потпорниот ѕид над Куќата на Робевци, со што целосно се ревитализираше просторот, а за што беа издвоени 14 милиони денари.


Утврдена програмата за одбележување на 1.100-годишнината од упокојувањето на св. Климент


Охрид, 25 март, 2016 - 15:40 (META) 

Поглаварот на МПЦ-ОА, г. г. Стефан, митрополитот дебарско-кичевски, г. Тимотеј, претседателот на МАНУ, Таки Фити, и академиците, Владо Камбовски, Георги Старделов и Цветан Грозданов, на средбата со градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, ја утврдија програмата за одбележување на 1.100 години од упокојувањето на св. Климент Охридски.

Носител на програмската содржина на свечената академија во Охрид е МАНУ со поддршка на МПЦ-ОА и на Општина Охрид. Во организацискиот дел на локално ниво ќе помогнат и Завод и музеј од  Охрид, фестивалот „Охридско лето“ и Филмската академија.

Покрај другите бројни културни содржини, централниот настан ќе биде свечената академија, закажана за 9 август во Охрид, во вечерните часови на Античкиот театар.

Нејзина најава ќе биде литијата на црковни веледостојници од Македонија и од другите православни земји, охриѓани и гости, а која е предвидено да тргнува од црквата „Св. Богородица – Перивлепта“ во попладневните часови. Движејќи се низ охридските сокаци до гробот на св. Климент кај Плаошник, ќе се пее „Тропарот“, посветен на светителот и просветител. На гробот на св. Климент ќе се одржи панихида, а претседателите на академиите од православните земји ќе положат цвеќе.

Од Плаошник, литијата ќе се движи кон Античкиот театар, каде ќе се одржи централната манифестација – свечената академија на која ќе говорат претседателите на академиите од словенските земји, кои ќе бидат поканети да присуствуваат на настанот.

Во рамки на академијата ќе се изведе ораториумот на Властимир Николовски, „Клименте“ и други два посветени на него. Се планира на академијата учество да земат Македонската филхармонија и хорот при Македонската опера и балет, а се предвидува и величествена сценографија која ќе прилега на овој голем настан.

Во рамки на одбележувањето на 1.100-годишнината од упокојувањето на св. Климент, во Куќата на Уранија и во Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата посветена на Климент, која претходно во мај ќе биде изложена во Рим, а во јуни во Скопје.


Интегрирана заштита на старото градско јадро во Охрид, според искуствата од Каен, Франција


Охрид, 24 март, 2016 - 14:21 (META) 

Денеска пред Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија, на расправа е предлог-законот за изменување на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.

Во меѓувреме, охридската локална власт го финализираше Планот за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид.

Планот е работен во рамките на проектот „Изработка на план за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид“ , финансиран од Програмата за децентрализирана соработка помеѓу француската провинција Долна Нормандија и Македонија, преку Асоцијацијата на агенции за локална демократија и Општина Каен.

Според предвидените процедури, оцена и одобрување на планот треба да даде Националната установа – Завод и музеј од Охрид која е вклучена како партнер во овој проект, по што истиот ќе биде презентиран пред јавноста.

Освен планот за интегрирана заштита, како финален производ од самиот проект ќе биде изработена и методологија за маркетинг-стратегија за достигнување на одржливост на градското јадро.

Од Општина Охрид очекуваат овој проект значително да придонесе за заштита на старото градско јадро на градот, кое е исклучително важно за зачувување на историските и на културните богатства, кои, пак, се од исклучително значење за развој на туризмот.


Оштетени експонати во археолошкиот локалитет Баргала


Штип, 11 ноември, 2015 - 19:31 (META) 

Настрада културното богатство од археолошкиот локалитет Баргала кај Штип. Искршени се десетина земјени садови, кои датираат од четвртиот до шестиот век од нашата ера. Садовите биле искршени и покрај тоа што локалитетот има 24-часовна чуварска служба. Директорот на Заводот и музеј од Штип, Зоран Читкушев, вели дека не може да разбере од какви мотиви се водени луѓето што  уништуваат културно наследство.

– Поради неодговорност и за мене некои несфатливи мотиви, се оштетува нашето културно наследство. Имено, оштетени се земјени садови кои датираат од четвртиот до шестиот век од нашата ера. Значи се работи за едно сериозно културно наследство кое нашата установа веќе почна да го реконзервира – вели Читкушев.

Вандализмот го потврдија и од штипската полиција.

– Вчера во 14.30 часот во полициската станица е пријавено оштетување на 12 земјени садови кои биле поставени како експонати во археолошкиот локалитет Баргала. Полициски службеници извршиле увид на место на настанот и се работи на целосно расчистување на случајот –  информираше портпаролката на СВР Штип, Гордана Панајотова.

Ова е втор случај на ваков вандализам во изминатите 10 години. Општината Карбинци ги плаќа чуварите, кои ќе треба да одговорат како се случил вандализмот.


Станот на Џими Хендрикс ќе стане музеј


Лос Анџелес, 30 октомври, 2015 - 10:22 (META) 

Станот на третиот кат од зградата што се наоѓа до куќата на композиторот Георг Фридрих Хендл во 1968 година стана дом на Џими Хендрикс, а тоа беше времето на објавувањето на неговиот албум „Електрик лејдиленд“ (Electric Ladyland).

Станот досега се користеше како работен простор на организацијата „Хендл хаус траст“, во чија сопственост се наоѓаат двата станбени објекта, а неодмана во него се спроведе реставрација вредна 2,4 милиона фунти, благодарение на која станот ќе биде претворен во музеј. Посетителите ќе можат да ја видат обновената верзија на дневната соба на музичарот од 60­-тите години на минатиот век, да дознаат нешто повеќе за неговите пријатели и да ги видат новите, досега необјавени фотографии. Изложбата ќе биде отворена на 10 февруари 2016 година, а билетите за изложбата на Хендикс и на Хендл ќе бидат пуштени во продажба на 2 ноември.


Кари го подари шампионскиот дерс во музејот на Дражен Петровиќ


Сан Франциско, 22 јуни, 2015 - 19:01 (META) 

Кошаркарот на Голден Стејт ќе го подари дресот со кој настапуваше на годинешното финале во НБА во музејот на Дражен Петровиќ, со што ќе го исполни ветувањето што ѝ го дал на мајката на Дражен, Бисерка, пред повеќе од 20 години.

– Ќе ми биде чест мојот дрес да се најде во музејот на легендарниот Дражен – изјави Кари.

Кари ја запознал Бисерка кога имал четири години на Олстар-викендот во Орландо во 1992 година. Таткото на Стеф, Дел Кари, кој тогаш бил најпрецизен тројкаш во НБА-лигата, се натпреварувал против Дражен Петровиќ во натпреварот за тројки. Покрај паркетот, мајката на Дражен, Бисерка, го чувала малиот Стеф Кари.

Во знак на сеќавање на еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, Кари одлучил во Хрватска да го испрати својот дрес од финалето во НБА-лигата.