Грчките власти го слават враќањето на две уметнички дела – едно од Пабло Пикасо и друго од холандскиот сликар Пит Мондријан, кои биле украдени од Националната галерија во Атина во 2012 година.
Делата биле пронајдени завиткани во пластика и оставени во едно суво речно корито во Кератеа, град во Источна Атика, Грција, соопштија официјални лица на прес-конференција, а пренесе „Гардијан“.
Сликите „Глава на жена“ (Head of a Woman) од Пикасо и „Ветерница“ (Stammer Windmill) од Пит Мондријан девет години поминале во домот на осомничениот, 49- годишен градежен работник од Грција.
Кражбата на двете дела се случила ноќта на 9 јануари 2012 година, додека земјата се наоѓаше среде економска криза. Поради казнените мерки на штедење кои Атина била принудена да ги пропише за да се заштити од банкрот, галеријата имала ослабен безбедносен систем и недостаток на чувари.
Инцидентот кој во тоа време ја шокираше нацијата беше наречен „кражба на векот“. Сликите биле украдени од рамките во галеријата, пред да бидат изнесени преку разбиена балконска врата, откако алармниот систем бил изманипулиран да го испрати единствениот чувар на смената во погрешна насока.
Истата вечер била украдена и трета слика – скеч од италијанскиот артист Гиљермо Гача, но уапсениот „вљубеник во уметноста“ ѝ рекол на полицијата дека сликата била оштетена за време на грабежот, по што одлучил да ја фрли „низ тоалетот“. Тој признал дека „совршената кражба“ била планирана со месеци и дека секојдневно го следеле секое движење на чуварите и вработените во галеријата.
Во времето на кражбата во Националната галерија на Грција се наоѓале над 20.000 уметнички дела.
Официјалните лица во Атина не кажале како полицијата го пронашла осомничениот.
Сликата наречена „Глава на жена“ на која е насликан искршен портрет на љубовницата на Пикасо, познатиот сликар ја подарил на грчкиот народ во 1949 година, како признание за отпорот на земјата против нацистичките сили за време на Втората светска војна. На задниот дел од платното, Пикасо на француски напишал: „За грчкиот народ, почит од Пикасо“.
Поради посветата од авторот, сликата не можела да биде продадена.
Грчките власти го поздравија враќањето на сликите и го опишаа како „огромен успех“. Министерката за култура на Грција, пак, изјавила дека „најголемата рана на Националната галерија е излечена“.
Инаку, камерите забележаа интересна ситуација за време на „големото откривање“ на повратените слики. Во еден момент, сликата на Пикасо падна од местото каде што беше изложена, по што вработен во полицијата ја зема во раце и ја врати назад. Случајот наиде на критики од страна на грчката јавност поради несоодветната заштита на уметничките дела.
Greek police recovered a stolen Picasso painting and dropped it while revealing it to the media https://t.co/DWtpwImJQm pic.twitter.com/ORrVEdMJu1
— Naomi O'Leary (@NaomiOhReally) June 29, 2021