Шверцери фатени на „Табановце“ со големо количество антички монети и други артефакти


Куманово, 8 мај, 2018 - 14:00 (META) 

Македонски државјанин што живее во Виена и српски државјанин што живее во валандовско Марвинци добија кривични пријави поради шверцување антиквитети.

Случајот бил откриен во петокот рано наутро на граничниот премин „Табановце“ на излез од Македонија. Во облеката на С.Г. (47) од Србија со живеалиште во Марвинци се пронајдени 20 антички монети, едно античко копче, а во автомобилот „волво с80“ сопственост на М.Ј. (51), гастарбајтер во Австрија, биле пронајдени 68 антички пари, како и девет други антиквитети.

Потоа бил претресен домот на Србинот во Марвинци, при што биле пронајдени околу два килограми непозната растителна материја и неколку стари монети и други предмети.

Запленетите антиквитети СВР Куманово наскоро ќе ги достави до Археолошки музеј на Македонија, кој ќе врши процена на оригиналноста на уметничките предмети.


„Спас за Валандово“ почнa со блокади поради нераспишувањето референдум


Валандово, 13 јуни, 2017 - 13:38 (META) 

Активистите од иницијативата „Спас за Валандово“ денеска со блокада на клучката Валандово – Пирава – Марвинци побараа општинските власти да закажат седница на која ќе се донесе одлука за референдумско изјаснување против рудникот Казандол.

„Спас за Валандово“ инсистираше седница на Советот на Општина Валандово да се одржи вчеравчера, за да може на 9 јули да се одржи референдумот, но претседателката на Советот не закажа седница.

Граѓанската иницијатива во петокот извести дека ги собрала потребните потписи за распишување референдум на локално ниво и во име на сите 2.213 потпишани граѓани на општина Валандово, до Советот на Општина Валандово поднесе предлог за распишување референдум.

Предложеното референдумско прашање е дали граѓаните се за или против продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс „Казандол“ и дали се за или против изградба на рудници на метални суровини на територија на Општина Валандово.