Кривична пријава за Марјан Ристески за назначувањето директорка на Старскиот дом


Прилеп, 8 мај, 2018 - 15:22 (META) 

Основното јавно обвинителство Прилеп изготви обвинителен предлог против Марјан Ристески, претходниот градоначалник на Прилеп, товарејќи го за несовесно работење во службата. Станува збор за случајот за назначување на Ирена Стерјоска Локвенец, за директорка на Дом за стари лица „Киро Крстески Платник“, која, пак, на почетокот на годинава, заедно со Ристески, доби кривична пријава за злоупотреба на службената положба и областување. Но обвинителството сепак ја исклучило од обвинението.

Според обвинителниот предлог, Ристески несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања и должности, со тоа што по објавената одлука од страна на Управниот одбор на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески Платник“ од Прилеп и распишаниот јавен конкурс за избор на директор на јавната установа, во кој како посебен услов било предвидено работно искуство од 4 години по дипломирањето, донел решение со кое за директор ја избрал кандидатката која во времето на изборот имала работно искуство од 2 години и 6 месеци.

Обвинителството истовремено решило да ја отфрли кривичната пријава против поранешната директорка Ирена Стерјоска Локвенец, поднесено од новото раководство на Домот „Киро Крстески Платник“, кое ја товареше дека направила злоупотреба на службената положба и областување директорувајќи по незаконска одлука на Ристески.

„Надлежен јавен обвинител утврди дека пријавеното дело не е кривично дело кое се гони по службена должност. Имено, во конкретниот случај не произлезе дека осомничената на некаков начин ја искористила својата службена положба или овластување, дека ги пречекорила границите на своето службено овластување, па со тоа за себе или за друг да предизвикала некаква корист или на друг да му предизвикала некаква штета, ниту пак ова кривично дело е сторено при вршење јавни набавки или пак на штета на Буџетот на РМ. Надлежниот јавен обвинител утврди дека незаконските дејствија со изборот на осомничената за директор иако таа не го исполнувала посебниот услов наведен во јавниот конкурс ги сторил оној кој го извршил изборот“, соопштија од Основно јавно обвинителство – Прилеп.


Јованоски: Во Прилеп работиме на сите полиња и на сите ветени проекти


Прилеп, 27 април, 2018 - 13:14 (META) 

Советот на Општина Прилеп работи непречено. Се донесуваат одлуки, се штитат интересите и потребите на граѓаните. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги очекува голема работа, се подготвуваат проекти… Дали и како ќе гласаат, сепак, тоа е нивна одлука, секој треба да си ја понесе својата одговорност,  вели градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски во интервјуто за „Вистиномер“ направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy).

Јованоски посебно се осврнува на наследениот долг од 3,5 милиони евра.

– Тоа е утврдено и со Записникот за примопредавање, кој е изработен од страна на стручните служби, каде што раководителите се сè уште лицата поставени од ексградоначалникот Марјан Ристески. А, овој Записник само да кажам дека до денеска не е потпишан од страна на Ристески, иако му беше доставен на увид. Овде се и обврските кон добавувачите, обврските по кредити, ризиците врз буџетот на Општината. Бидејќи јасно е колкав е основниот ризик, но не се знае колку ќе изнесуваат крајните ризици! – објаснува градоначалникот на Прилеп.

Јованоски обвинува за многу пропусти на неговиот претходник, Марјан Ристески. Вели дека цели три мандати тогашниот градоначалник работел без визија и дека многу работи што се суштински за граѓаните и општината не се реализирани.

– Реално не очекував дека ситуацијата ќе биде толку лоша, да не речам катастрофална. Но, не само од финансиски, туку од секој аспект. Во Општината нема проекти, не се работени ДУП-ови. Не сфаќам што се правело 12 години. Цел тој период се немало визија, ни дефинирани цели каде треба да се движи општината, условно кажано. Многу неодговорно се работело на приходите на Општината. Набрзо според насоките од Државниот завод за ревизија, Општина Прилеп ќе треба да отпише околу 100 милиони денари побарувања, по разни основи за комунални такси и надоместоци, закупнини и сл. парични средства, што се едни од сопствените приходи на финансирање на Општината. Дел од побарувањата можеби оправдано се отпишани. Но, најголем дел се последица на неодговорно и недомаќинско работење на Ристески и претходната локална власт – вели прилепскиот градоначалник.

За горливиот проблем на прилепчани – лошата состојба на улиците и некои патишта, вели дека ќе се реагира на три начини – со санација на дупки, онаму каде што останатиот дел од улиците е во добра состојба, за што се издвоени 10 милиони денари, потоа со  реконструкција и рехабилитација на делови или цели улици од помал обем, како и со изградба на нови улици.

Во поглед на состојбата во населбата Тризла, каде живеат Роми, вели дека се реализирани некои работи, но ќе се работи уште.

– Што се однесува до инфраструктурното уредување на „Тризла“, односно населбата „Три багреми“, состојбата е следна: ЕВН изгради трафостаница, тампониран е патот, отстранети се дефектите на водоводната мрежа, обезбеден е бесплатен превоз за учениците, се бараат решенија за да се обезбеди доволно вода, се ставаат контејнери за собирање отпад, во тек се мапирањето на граѓани без документи за лична идентификација како и активности за легализација на дивоградбите, што е основа да се изработи ДУП за населбата – вели Јованоски.

Посебно се гордее со остварувањето на едно од неговите ветувања.

– Бесплатниот превоз за пензионерите е реалност, тој функционира секој работен ден од 8-12 часот. Моето изборно ветување е остварено. Зборот е збор!

Повеќе од интервјуто, како и изјавите на Јованоски за транспаретноста, може да прочитате тука.


СДСМ: ОЈО да ги расчисти злоупотребите во Домот за стари лица во Прилеп


Прилеп, 23 јануари, 2018 - 14:26 (META) 

Членот на Советот на Општина Прилеп од СДСМ, Александар Китаноски бара Основното јавно обвинителство да ги расчисти кривичните пријави против поранешниот градоначалник, Марјан Ристески и поранешните директори на Домот за стари лица, Ирена Стерјовска Локвенец и Дарко Рибароски, за кои вчера актуелниот директор на оваа институција ја извести прилепската јавност.

– Веднаш да се расчистат сите индиции од кривичната пријава дека, поранешниот директор Дарко Рибароски и фирмата „Марфил“ го оштетиле Домот за стари лица за повеќе од 300.000 денари, со тоа што изготвувале фиктивни фактури за наводна испорака на прехранбени производи кои никогаш не пристигнале во оваа јавна општинска установа. Прилепската јавност е згрозена од информациите за злоупотреба на народните пари и пензиите на штитениците згрижени во домот, кои што долго време биле оставани без квалитетна храна и лекови, без соодветна медицинска заштита, без греење и во катастрофални услови за сместување – изјави Китаноски на прес-конференција.

Тој исто така побара Обвинителството да го расчисти, како што вели, и сомнежот за злоупотреба на службената положба на Марјан Ристески, дека именувањето на претседателката на Унијата на жени на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Ирена Стерјовска Локвенец, за директорка на старскиот дом „Киро Крстески – Платник“, било спротивно на посебните услови од објавениот јавен конкурс.

– Исто така, очекуваме дека надлежните институции ќе утврдат на кој начин поранешниот градоначалник Ристески, му овозможил на Рибароски, надвор од сите законски рокови, повеќе од шест години да ја извршува функцијата, вршител на должност директор на Домот за стари лица. Граѓаните на Прилеп сакаат да знаат како тоа поранешните директори на домот, и покрај партиципацијата на штитениците и субвенциите кои им ги доделувала Општина Прилеп, успеале да направат загуби од 15 милиони денари – додаде Китаноски.


СДСМ: Пресудите против Ристески и Панов се доказ за коруптивното владеење на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 20 август, 2017 - 10:19 (META) 

Судските пресуди против градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ристески и Александар Панов се првите институционално потврдени докази за децениското криминално, коруптивно и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ на секое ниво на власт, се вели во утринското соопштение на СДСМ.

Во него се додава дека „ВМРО-ДПМНЕ веќе има двајца градоначалници кои се осудени за несовесно и неодговорно владеење“.

„Владимир Талевски е првоосомничен во случај на Специјалното јавно обвинителство за сторен криминал тежок 360.000 евра, пари на граѓаните. По ова, логично се поставува прашањето уште колку криминалци градоначалници има во редовите на ВМРО-ДПМНЕ? Уште колку локални шерифи краделе од граѓаните и кој од  градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ крадел најмногу од граѓаните и државата?“, се додава во соопштението.


Градоначалникот на Прилеп осуден поради несовесно работење


Прилеп, 19 август, 2017 - 16:39 (META) 

Основен суд Прилеп го осуди градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески на парична казна од 36.900 денари, заради сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Истовремено, прилепскиот градоначалник е задолжен, на име надомест на штета на Општина Прилеп да и исплати 238.750 денари.

На Ристески му е изречена и алтернативна мерка, односно условна осуда казна затвор во траење од 3 месеци.

„Градоначалникот Ристески е прогласен за виновен затоа што во периодот од 18.07.2015 година па до 06.10.2016 година како службено и одговорно лице во Општина Прилеп, со несовесното постапување во вршењето на своите овластувања и должности не обезбедил правилна и законита заштита на сопственоста на Општината, односно не ја осигурил од штети зградата на Општина Прилеп. Со тоа, градоначалникот Ристески на Општина Прилеп и нанесол штета во износ од 238.750 денари, која настанала за време на одржаните протести од група граѓани во текот на месеците април, мај и јуни 2016 година“, се вели во пресудата.

На пресудата реагираше и градоначалникот Ристески кој вели дека „штетата на општинската зграда ја предизвикаа други лица за време на „Шарена револуција“, од кои треба да се бара одговорност.“

„Основниот суд Прилеп без да спроведе постапка во која што би ги соочиле аргументите, го потврдил налогот доставен од Основно јавно обвинителство Прилеп, иако истиот е апсурден и на него имам изјавено приговор, така што одлуката на судот се смета како воопшто да не била донесена. Убеден сум дека по спроведувањето на постапката во Судот ќе се докаже дека сум целосно во право. Штетата на општинската зграда ја предизвикаа други лица за време на „Шарена револуција“, од кои треба да се бара одговорност. Јас како градоначалник на Општина Прилеп имам обезбедено заштита на сопственоста на Општината“, се вели во реакцијата на Ристески.


Кривични пријави за екс министерот Спасов и прилепскиот градоначалник Ристески


Прилеп, 22 мај, 2017 - 10:44 (META) 

Заради сомневање дека извршиле злоупотреба на службената положба и овластување, како и несовесно работење во службата“, денеска во Основното јавно обвинителство Прилеп  адвокатот Жарко Стеваноски поднесе кривична пријава против поранешниот министер за труд и социјална политика Диме Спасов, градоначалникот на општина Прилеп, Марјан Ристески, поранешниот директор на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески Платник“ Дарко Рибароски, директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, Снежана Јованоска и против членови на Управниот одбор на прилепскиот Дом за стари лица, јави „Публикум“.

Според подносителот на пријавата,постојат основи за сомнение дека во периодот од 2009 година до денеска спротивно на одредбите од чл. 95 од Законот за социјална заштита, пријавените Диме Спасов и Снежана Јованоска со тогашниот директор на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески Платник“, Дарко Рибароски, склучиле договор за финансирање на проектот „Народна кујна“, без обезбедено одобрение за вршење дополнителна дејност од Владата.

Исто така, според кривичната пријава поднесена од Стеваноски, постојат основи за сомневање дека прилепскиот градоначалник Марјан Ристески и членовите на Управниот одбор на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески Платник“ од Прилеп со неизвршување на својата службена должност, спротивно на Статутот на јавното претпријатие и на Законот за социјална заштита, не спровеле постапка за избор на нов директор на установата во периодот од 08.07.2010 до 05.11.2015. Со тоа, спротивно на закон, му овозможиле на Рибароски да ја врши функцијата ВД директор на домот за стари лица. Во тој период, според наведеното во пријавата, преку неизвршување на службените должности и непреземање на мерки и активности за законито управување со средствата на домот, била предизвикана штета во износ од преку 15 милиони денари, односно 243.000 евра.

Во само неколку денови, ова е втора пријава против сегашни и поранешни директори на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески Платник“, откако минатата недела четворица вработени во домот поднесоа кривична пријава против актуелната директорка Ирена Стерјоска Локвенец, за малтретирање во вршење на службата.


На градскиот плоштад во Прилеп почна новогодишната прослава


Прилеп, 31 декември, 2016 - 14:43 (META) 

Со новогодишна програма за најмладите, почна новогодишниот дочек на градскиот плоштад во Прилеп.

Децата ги забавуваа „Јунаците од бајките“ од народниот театар „Војдан Чернодрински“ и музичката група „Нокаут“.

Вечерниот новогодишен дочек на плоштадот Методија Андонов Ченто е предвидено да почне во 22.30 часот, со настапот на групите „Белинда“ и „Шило“, а по предвидениот огномет на полноќ ќе настапат диџеите „Д мод“ (The Mode).

Прилепскиот градоначалник Марјан Ристески на сите граѓани им ја честита Новата година со желби за здравје, среќа и за просперитет.