!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Договорот со Бугарија е срамен и неуставен за македонските здруженија од дијаспората


Скопје, 30 јули, 2017 - 11:00 (META) 

ОМО Илинден – Пирин од Бугарија, Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада, Австралиско-македонски комитет за човекови права и Македонска алијанса за европска интеграција од Албанија денеска преку заедничко соопштение ја осудија содржината на Договорот со Бугарија, која, како што велат, не придонесува за добрососедството, унапредувањето на односите, евроинтеграцијата на Македонија.

„Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија е нерамноправен, ги задоволува повеќе бугарските националистички аспирации отколку македонските национални интереси. Тој ги поставува под прашање сувереноста на Република Македонија и слободите на делови од нејзините граѓани и го урива нејзиниот авторитет како независна и полноправна држава. Добрососедство може да се гради само на рамноправна основа и со добра волја, а не преку уцена, понижување и злоупотреба на позицијата“, се вели во соопштението.

Организациите оценуваат дека Македонија со договорот прави уште еден чекор кон откажување од македонското малцинство во Бугарија.

„Поранешното декларативно откажување сега станува дел и од договорот за „добрососедство“. Тоа е логичен срамен чекор по 25-годишното нарушување на Уставот од страна на владите на Република Македонија, кои целосно и доследно ја запоставуваа својата уставна обврска да се грижат за македонските малцинства во соседните земји и особено во Бугарија и во Грција. Поради оваа причина договорот е и антиуставен!“, се вели во соопштението и се додава дека со договорот се создаваат механизми преку кои Бугарија ќе може да ја условува и да ја уценува Македонија при евроинтеграциите.

Според организациите со терминологијата „двете држави и нивните народи“, „македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија“, „општа историја“ се релативизира македонската нација.

„Било какви општи прослави во услови на отворено негирање на македонската нација и идентитет од бугарска страна, ќе служат за задоволување на таквите негаторски ставови, а не за надминување на недоразбирањата. Со договорот се врши беспрецедентно мешање на политиката во историјата се формираат политички тела кои ќе толкуваат историја и ќе реферираат пред владите“, се вели во соопштението.

Организациите наведуваат дека договорот е неприфатлив, навредлив за Македонија и за македонскиот народ, непринципиелен, срамен за двете земји потписнички.

„Тој нема да придонесе за добрососедството а само ќе ја зголеми недовербата и ќе создаде вистинска омраза против Бугарија на местото на имагинарната таква од која сега се жали Софија“, велат организациите.


Партијата на Македонците не влезе во албанскиот парламент


Тирана, 27 јуни, 2017 - 16:12 (META) 

Од 19 пратенички места, колку што ги освои Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), нејзиниот коалициски партнер Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) не доби ниту едно место во новиот состав на парламентот на Албанија, јави весникот на Македонците во Албанија „Илинден“.

Единствен кандидат на МАЕИ беше генералниот секретар на партијата, Васил Стерјовски, кој беше на кандидатската листа на ЛСИ во изборната единица во Корча.

На изборите во Албанија одржани во неделата, според 95 отсто преброени гласови, победи  Социјалистичката партија на Еди Рама, која и сега е на власт во Албанија. Таа освои 48 од вкупниот број гласови, односно 74 од 140 мандати. Претходно МАЕИ беше во коалиција со партијата на Еди Рама, но на овие избори реши да му сврти грб поради национализмот и навредувачкиот однос кон Република Македонија, по појавата на платформата на политичките партии од албанскиот блок во Македонија.

Тие, исто така, му забележуваат на Рама што Социјалистичката партија не го одржала ветеното, дека нема да згаснат општините со припадници на малцинствата, па ги „избриша“ општините во Голо Брдо и во Гора.

Втора на изборите во Албанија е опозициската Демократска партија на Љуљзим Баша, со 29 отсто од гласовите, односно 43 пратенички места.

Инаку, МАЕИ на претходните избори во јуни 2013 година исто така не освои пратенички мандат. Партијата на тие избори учествуваше со своја листа, чиј носител беше универзитетската професорка Валентина Нестор, но не успеа да го обезбеди потребинот број гласови.


„Илинден“ ја поздрави одлуката на партијата на Македонците да не коалицира со Рама


Тирана, 2 мај, 2017 - 13:09 (META) 

– Македонската алијанса за европско интеграција (МАЕИ), која е политички репрезент на етничките Македонци во Албанија, донесе правилна одлука во вистинско време, за коалицирање со партијата на Илир Мета – вели во изјава за „Мета“, претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај.

Македонскиот политички фактор во Албанија одбива соработка со Еди Рама и со неговата Социјалистичка партија, поради национализмот и навредувачкиот однос кон Република Македонија, објаснува Ѓурѓај. Причина плус да му свртат грб на Рама е и тоа што Социјалистичката партија не го одржала ветеното, дека нема да згаснат општините со припадници на малцинствата, па ги „избриша“ општините во Голо Брдо и во Гора.

– Со тоа направија чекор назад во однос на правата и на еднаквоста, така што Македонците во Албанија се разочарани од односот на оваа партија – појаснува претседателот на Македонското друштво „Илинден“.

Ѓурѓај додава дека МАЕИ и „Илинден“ веќе и официјално го поздравиле изборот на Илир Мета за претседател на Република Албанија и дека ќе соработуваат со неговата партија Движење за социјалистичка интеграција (ДСИ), која привремено ја води Петрит Васили.

– Движењето за социјалистичка интеграција на дело има покажано дека не е партија со националистичка реторика. МАЕИ, како партија на Македонците во Република Албанија, треба да коалицира со ДСИ бидеќи Социјалистичката партија на Еди Рама навлезе во националистички реторики и во навредувачки однос за нас Маедонците во Албанија, како и за нашата матична татковина, Република Македонија – додава Ѓурѓај.


Тројца Македонци во трка за пратенички места во Албанија


Тирана, 2 мај, 2017 - 13:00 (META) 

На парламентарните избори во Албанија, кои ќе се одржат на 18 мај, за пратеничко место ќе се натпреваруваат и тројца етнички Македонци. Тие ќе си ги пробаат шансите во изборната единица во Корча.

Еден од нив е Васил Стерјовски, генералниот секретар на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), кој е добро познат активист за правата на Македонците во Албанија.

Партијата досега беше во коалиција со Социјалистичката партија, предводена од премиерот Еди Рама, а за овие избори избра нов коалиционен партнер и ќе настапи заедно со Движењето за социјалистичка интеграција (ДСИ) на новиот албански претседател, Илир Мета.

Како кандидат на ДСИ, за пратеничко место ќе се бори и Ефтим Митер од Глобочани, Мала Преспа. Негов противник ќе биде Едлира Доневски, исто така од Мала Преспа, која живее во Корча. Таа е кандидат на Социјалистичката партија на Еди Рама.

Доневски вели дека иако Македонците во Албанија не можат да се споредат со Албанците во Македонија, сепак имаат шанса да се натпреваруваат за пратенички места.


Македонците во Албанија наместо со Еди Рама, во коалиција со Илир Мета


Тирана, 2 мај, 2017 - 10:53 (META) 

Извршниот комитет на партијата Македонска алијанса за европска интеграција во Албанија (МАЕИ) донесе одлука за наредните парламентарни избори во Албанија, кои треба да се одржат на 18 јуни годинава, да коалицира со Движењето за социјалистичка интеграција на Илир Мета.

Откако Илир Мета се откажа од партиската лидерска позиција, по изборот за претседател на Република Албанија, сега Движењето за социјалистичка интеграција привремено го води Петрит Васили.

Досега МАЕИ беше во коалиција со Социјалистичката партија, предводена од премиерот Еди Рама.

Васил Стерјовски, генерален секретар на МАЕИ, на заедничката листа за пратеници во парламентот на Република Албанија, ќе биде кандидат во изборната единица за Корча, известува весникот на македонски јазик „Илинден“ на својата веб-страница.