Сценарија околу ратификацијата на Договорот за името во грчкиот парламент


Атина, 27 септември, 2018 - 18:33 (META) 

Додека грчкиот премиер Алексис Ципрас ја завршува посетата на САД, се развиваат различни сценарија дали и колкав број пратеници во ќе гласаат кога Договорот од Преспа ќе дојде на ратификација во грчкиот парламент, јавува допосничката на „Мета“ од Атина.

Потпретседателот на партијата Независни Грци, коалицискиот партнер на владата, Панајотис Сигуридис денеска изјави дека пратениците треба да ја почитуваат „официјалната партиска линија“.

Тој вели дека сите кои ја застапуваат таа партија треба да сносат последници ако ја прекршат партиската дисциплина, иако според правилата на грчкиот парламент секој пратеник/пратеничка треба да гласа според неговата/нејзината совест.

Панос Каменос, лидерот на Независни Грци, и натаму вели дека ќе ја напушти владата предводена од Сириза ако договорот биде изгласан. Грчките медиуми велат дека најмалку двајца пратеници на Каменос планираат да гласаат вво прилог на Договорот за името – Танасис Папахистопулос и Елена Кунтура, која Ципрас ја именува за министерка за туризам.


Каменос: Договорот за името нема да биде ратификуван


Атина, 25 септември, 2018 - 11:29 (META) 

Панос Каменос, лидерот Независни Грци, помалиот коалициски партнер во владата на Алексис Ципрас, сè уште стои на ставот дека неговтата партија нема да гласа за ратификација на Договорот од Преспа кога тој ќе дојде во грчкиот парламент.

– Договорот нема да биде ратификуван. Ние, владините партнери ќе сториме се што е во наша моќ тој да не биде ратифукуван. Јасно кажавме дека нема да гласаме (за Договорот). Јас на ова се обврзав уште одамна – изјави Каменос, кој е и министер за одбрана, во интервју за грчка телевизија.

Каменос изјави и дека неговата десно ориентирана партија „ќе ја повлече поддршката“ на владата ако Договорот со кој се става крај на деценискиот спор меѓу двата балкански соседи биде ставен на ратификација, најверојатно во март следната година.

– Тогаш Ципрас ќе треба да си најде други коалициски партнери – додаде Каменос, демантирајќи ги уверувањата на Ципрас дека Независни Грци нема да сторат ништо за да спречат Договорот да помине во Парламентот.


Ципрас бара сојузници за името – ќе формира надпартиски Совет за национална безбедност


Скопје, 9 март, 2018 - 16:18 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе предложи формирање на Совет за национална безбедност и за таа цел денеска му телефонирал на лидерот на партијата „Потами“ Ставрос Теодоракис и побарал средба в понеделник за да го информира за предлогот.

Во грчките медиуми се коментира дека фактот што Ципрал толкму сега се сетил на тој предлог-закон има врска со разрешницата на проблемот со името и потребата на Ципрас околу него да собере што поголем број сојузници.

Не се исклучува и можноста Ципрас по овој „флерт“ наскоро со мини-реконструкција евентуално да направи рокада – наместо „Независни Грци“ на Каменос во владата да ја земе „Потами“ на Теодоракис. Интересно е дека токму Теодоракис и неговата партија во декември 2016 година предложија формирање на такво тело/орган, но досега никој тоа не го покренал.

Во Грција, инаку, функционира т.н. Национален совет, кој го свикува шефот на државата – во случајов, Прокопис Павлопулос.

Новиот Совет би бил свикуван од премиерот, а во него би учествувале политичките лидери, бившите премиери, министрите за одбрана и надворешни работи, шефовите на генералштабот и на тајната служба.

Ова се случува во ситуација кога односите на Ципрас со владините партнери, како на пример со Панос Каменос, кој јавно се произнесе против која било варијанта на името што ќе го содржи терминот Македонија, се „замрзнати“.

Ципрас и Теодоракис имаат поблиски ставови за името – лидерот на „Потами“ не е против “Македонија“ во името, но вели дека поддржува „име со еден збор, на словенски дијалект“.

Тој дури изјави дека ако дојде до договор за името и ако тој треба да се гласа во парламентот тие ќе гласаат „за“.

Запрашан дали постои можност за влез во владата на Ципрас, Теодоракис само шеговито прокоментира „дури и Ким ќе се сретне со Трамп“.


Каменос бара референдум во Грција за името


Атина, 14 јануари, 2018 - 13:59 (META) 

Лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, во неговата колумна за неделното издание на весникот „Димократиа“ порачува дека во Грција ќе мора да се одржи референдум за „новото име на северниот сосед“.

„Грчкиот народ ќе треба да одлучи за ова, без преседан во историјата на човештвото, отстапување на истријата и културата на друг народ“, пишува Каменос и објаснува дека секое е вклучување на термниот Македонија во името би значело пад на грчката култура и историја.

Коалицискиот партнер во грчката влада напоменува и дека сега владата говори за сложено име со географска одредница, но во предизборната програма на Ципрас никаде не е споменато дека сложеното име би го вклучило и терминот Македонија.


Ципрас најави влада на СИРИЗА и на Независни Грци


Атина, 20 септември, 2015 - 22:35 (META) 

Насмеан, среде еуфорична атмосфера и весела толпа поддржувачи, лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, чија партија победи на предвремените парламентарни избори, го најави продолжувањето на владината коалиција меѓу неговата левичарска партија и десничарите Независни Грци.

Видно задоволен, исправен на плоштадот среде центарот на Атина, Ципрас најави дека од утре продолжува работата на владата и борбата за државата и народот да се исправат на нозе што побргу.

– Народот ни даде мандат, мандат кој е за следните четири години – истакна Ципрас, коментирајќи дека ова е мандат од народот за владата што ја водеше државата од јануари до август да продолжи со својата работа и со борбата за поправеден живот и за економски развој во Грција.

Тој вети дека ќе продолжат да работат за економски развој, за социјална заштита на послабите групи, за решавање и за ставање крај на стариот корумпиран режим и систем.

За време на неговиот говор се случи мал преседан, односно првпат при обраќањето на победничката партија на собирот на плоштадот се појави и лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, кој се качи на сцената, се прегрна со Ципрас и застана рамо до рамо со него.

Еуфоричниот победнички говор заврши со уште поеуфоричен поздрав и со ракување меѓу Ципрас и Каменос, кои, според информациите, или вечерва или рано изутрина ќе седнат да ги договорат министерските имиња на новиот владин состав.

Владината коалиција заедно ќе има 155 пратеници, од вкупно 300 мандати во грчкиот парламент.