Нинџа: Сè беше под контрола на УБК и паравоениот штаб на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 6 декември, 2018 - 14:03 (META) 

Упадот во Собранието на 27 април беше командуван од паравоениот штаб на ВМРО-ДПМНЕ. „За заедничка Македонија“  беше формирана од ВМРО-ДПМНЕ и имаше фиктивни водачи. На протестите на „За заедничка Македонија“ 80 отсто беа од ВМРО-ДПМНЕ, која ги даваше сите реквизити што се користеа. Сите водачи на протестите ги имам гледано во штабот на ВМРО-ДПМНЕ кај Кирил Божиновски, рече обвинетиот Александар Василевски  – Нинџа во својот денешен исказ пред судот во врска со настаните во Собранието на 27 април минатата годинa.

Тој рече дека бил ангажиран во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) од Горан Грујевски, а потоа му бил „очи и уши“ на Никола Бошкоски. Обајцата сега се избегани во Грција.

– Сите водачи на протестите ги имам гледано во штабот на ВМРО-ДПМНЕ кај Кирил Божиновски – рече обвинетиот Александар Василевски  – Нинџа.

Според него, оперативните податоци до кои што тој дошол велеле дека организаторите на протестите биле исплаќани од ВМРО-ДПМНЕ.

– Јас само ги видов во партијата со Кирил Божиновски, но не можев да ги видам нивните џепови – рече Нинџа.

Но малку подоцна, на вкрстено прашање, дали биле плаќани водачите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Богдан Илиевски – Бетмен, Борис Дамовски и Владо Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ, или протестите ги воделе од патриотски причини, Нинџа одговори:

– Јас не сум ги видел со свои очи што имаа во џебовите кога излегуваа откај Кирил Божиновски, но од оперативни сознанија на Петтата управа знам дека биле плаќани од ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем и Никола Бошкоски ми кажа дека за тоа го информирал директорот на УБК, Владимир Атанасовски – рече тој.

Александар Василевски – Нинџа, исто така кажа дека по налог на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, кога бил формиран „Фронтот за Македонија“ се сретнал со Ченто и Игор Југ. Задачата во однос на Југ била да процени дали е проруски ориентиран.

– Кон 15 април зовре состојбата и се скандираше против „тиранската платформа“. Во свест ни беше врежан патриотизмот. Никој од овие во судница не знаеше што може да се случи на 27 април. Тој ден околу 12:30 часот ми се јави директорот на УБК и ми кажа да бидам во Скопје, бидејќи има информации дека нешто ќе се случи – рече Нинџа.

Додаде дека околу 16 часот повторно му се јавил Атанасовски и му рекол дека има информации оти СДСМ ќе бира претседател на Собранието и оти тоа го знае и Ченто.

Нинџа пред судот истакна дека имал контакт и со Сашо Мијалков, кој го викнал да оди во „Мериот“ и штабот на ВМРО. Околу 18 часот бил во штабот на партијата, но Мијалков не бил таму. Таму, како што додаде, имало лица од парламентарниот командно-оперативен штаб на партијата – Бришковска-Бошковски, Божиновски, Јанакиески, Чавков.

Од тука, како што посочи Нинџа, се координирало што се случуваше на 27 април.

Бришковска-Бошковски кажала дека не поминало првото сценарио и пратениците не си ја завршиле работата и не предизвикале тепачка.

– Потоа му се јави на Трајко Вељаноски и му рече да се отворат вратите од Собранието, а во 19:15 му се јавил Атанасовски и му рекол да оди да известува од терен – додаде Нинџа.

Рече дека на една од клупите во „Жена парк“ го сретнал и Горан Грујоски, кој му рекол дека има седум до осум луѓе во Собрание од прикриени операции.

Одговарајќи на вкрстени прашања од обвинителството Александар Василевски-Нинџа рече дека УБК ги следело Зоран Заев, Зоран Верушевски и Оливер Спасовски, иако тогаш бил министер за внатрешни работи. Додаде дека бил следен и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу кому му биле поставени камери кога не бил дома.


Притворот на Југ продолжен за нови 30 дена, ОЈО го гони и за тероризам


Скопје, 28 ноември, 2017 - 12:12 (META) 

Кривичниот суд во Скопје му го продолжи притворот за нови 30 дена на Игор Југ, осомничен за насилствата во Собранието од 27 април оваа година, пренесуваат медиумите.

Основното јавно обвинителство во меѓувреме ја проширило истрагата за Југ, кој сега освен за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, се товари и дека бил водач на толпата која упадна во законодавниот дом на 27 април, како и за кривичното дело тероризам.

Обвинителството побарало од судот да ја продолжи мерката притвор поради постоење опасност од бегство, попречување на истрагата и можност за повторување на делото.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска соопшти дека отворило истражна постапка против 36 лица, осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста.

Во рамките на истрагата утрово се превидени поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, и уште дваесетина лица, меѓу кои пратениците Крсто Мукоски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, актерот Владо Јовановски, поранешниот директор на Македонската опера и балет (МОБ), Игор Дурловски, и други лица.


Судот му одреди уште 30 дена притвор на Игор Југ


Скопје, 29 септември, 2017 - 14:19 (META) 

Кривичниот суд му одреди 30 дена притвор на Игор Југ, за учеството во насилствата во Собранието од 27 април оваа година, соопштија од судот.

На Југ вчера му истече осумдневниот притвор што првично му беше одреден, а Основното јавно обвинителство Скопје веднаш побара продолжување на мерката. Тој, како што пренесуваат дел од медиумите, по одлуката на судот е вратен во истражниот затвор „Скопје“, во Шуто Оризари.

Обвинителството ја прошири истрагата за Југ, кој освен за недозволено поседување на оружје, се товари дека бил водач на толпа која на 27 април упадна во Собранието и нападна пратеници на актуелната владејачка коалиција, новинари и припадници на обезбедувањето.

Игор Југ, кој беше во бегство и се бараше со потерница, беше уапсен на 21 септември, во стан во Куманово.

Југ на 27 април беше со групата која успеа да стигне до прес-салата во Собранието, каде во тие моменти беа пратениците од актуелната владејачка коалиција. Тој беше облечен во црна маичка со симболот на проусташката организација „Хрватски оружени сили“ (ХОС).


ОЈО Скопје бара продолжување на притворот на Игор Југ за насилствата од 27 април


Скопје, 29 септември, 2017 - 11:42 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје вчера побарало од Кривичниот суд да му ја продолжи мерката притвор на Игор Југ, што му беше одредена поради учеството во насилствата во Собранието од 27 април оваа година.

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителството, надлежниот обвинител побарал на Југ да му биде одреден притвор по сите три основи, односно поради опасност од бегство, попречување на истрагата и можност за повторување на кривичното дело.

Инаку, на Југ вчера му истече осумдневниот притвор што првично му беше одреден. Како што пишуваат дел од медиумите, тој вчера по барање на обвинителството бил спроведен на распит. Засега нема информации од Кривичниот суд дали е прифатено барањето за притвор на ОЈО Скопје.

„Предлогот е поднесен бидејќи од досега прибавените докази од страна на Основното јавно обвинителство – Скопје, произлезе дека покрај за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 од Кривичниот законик, постои основано сомневање дека осомничениот презел дејства како водач на толпа во врска со случувањата во Собранието на Република Македонија од 27 април годинава.
Поради тоа, надлежниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка и за кривичното дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385, став 3 од Кривичниот законик, за што е пропишана казна затвор од една до 10 години“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Инаку, Игор Југ, кој беше во бегство и се бараше со потерница, беше уапсен на 21 септември, во стан во Куманово.


Уапсен Игор Југ, еден од учесниците во насилствата од 27 април


Куманово, 21 септември, 2017 - 10:16 (META) 

Игор Југ, еден од учесниците во насилствата во Собранието од 27 април годинава, утрово е уапсен во стан во Куманово, потврдија од Министерството за внатрешни работи.

Оттаму информираат дека 47-годишниот Југ е уапсен по претходна наредба од Основното јавно обвинителство Скопје од 16 мај оваа година.

„На 21 септември 2017 година, од страна на овластени службени лица при Секторот за внатрешни работи Куманово по претходна наредба од 16 мај 2017 година на Основно јавно обвинителство Скопје во врска со настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија е приведено лицето И.Ј. (47) од Куманово поради основано сомневање за сторено кривично дело учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејство“, стои во соопштението на МВР.

Југ се бараше со централна потерница распишана од Одделот за насилен криминал на СВР Скопје, поради основано сомневање за сторено кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело. Тој, како што додаваат од МВР се барал и со локална потерница од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Бит-пазар поради разбојништво.

Инаку, Игор Југ е водач на здружението „Владо Черноземски“ од Куманово, кое беше дел од т.н. „Патриотски фронт“.

Југ на 27 април беше дел од групата која успеа да стигне до прес-салата во Собранието, каде во тие моменти беа пратениците од актуелната владејачка коалиција. Тој беше облечен во црна маичка со симболот на проусташката организација „Хрватски оружени сили“ (ХОС).