!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Одложено судењето за „Тотал“, Латас побара да се снимаат рочиштата


Скопје, 7 декември, 2017 - 12:02 (META) 

Судењето за случајот „Тотал“ на СЈО е одложено откако адвокатите на Драган Павловиќ – Латас, обвинет во случајот, побараа судот да ги снима тонски и визуелно сите судски рочишта, за, како што посочија, да се отстрани каков било сомнеж.

Адвокатите рекоа дека имаат забелешки на записникот од првото рочиште, кое се одржа пред два дена, истакнувајќи дека во него нивните зборови не биле доследно интерпретирани.

Претходно судијката Софче Гаврилова-Ефремова по барање на адвокатите на Павловиќ одлучи да не дозволи новинарските екипи во судницата да направат инсерти од денешното рочиште. Дозволено беше снимање само на обвинителите на Специјалното јавно обвинителство.

Судијката Гаврилова-Ефремова укажа дека капацитетот и можностите на судницата се тие, дека таа суди во мала судница и дека единствено големата судница со број еден во Кривичниот суд е таа што може да обезбеди услови сите да може да седат и целиот судски процес да се снима.

Таа додаде дека откако ќе направи проверка за слободен термин, ќе го соопшти датумот за кога ќе биде закажано ново рочиште.

Драган Павловиќ-Латас се товари дека во периодот од 2008 до 2015 година заедно со правните лица „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ Скопје, „Медиамакс“ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ Скопје, со намера да одбегне плаќање даноци, во завршните сметки и во даночните пријави давал лажни податоци. Правните лица го оштетиле буџетот за 121.000 евра, а осомничениот за 63.000 евра.


Во Кривичниот суд нови рочишта за насилството во Центар и за „Тотал“


Скопје, 7 декември, 2017 - 9:47 (META) 

Во Кривичниот суд денеска ќе се одржат рочишта за два предмети на Специјалното јавно обвинителство, за случајот со насилството пред Општина Центар во 2013 година, познат како „Шамари“, како и за предметот „Тотал“.

Дванаесет лица се обвинети за поттикнување насилството во Општина Центар за време на протестите од јуни 2013 година. Меѓу обвинетите се и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.

На денешното рочиште ќе сведочи поранешниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски.

На претходните рочишта за насилството во Центар, вината за настаните пред општина Центар во јуни 2013 година, ја признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтообвинетиот Јордан Ристевски.

Апелацискиот суд претходно ја прифати жалбата на СЈО и дозволи „бомбите“ да се користат како доказен материјал.

Во случајот „Тотал“, новинарот Драган Павловиќ – Латас се товари дека во периодот од 2008 до 2015 година извршил даночно затајување преку неговите фирми „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ Скопје, „Медиамакс“ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ Скопје. Судијката го одложи претходното рочиште бидејќи не беа одредени законски застапници за фирмите „Тотал маркетинг“ и „Медиамакс“.


Латас: Очекувам брутално судење, му верувам на судот, но не и на судијката


Скопје, 5 декември, 2017 - 11:21 (META) 

Очекувам брутално судење, верувам во судот, но не сум сигурен дека верувам во судијката, изјави Драган Павловиќ – Латас, обвинет во случајот „Тотал“ на СЈО, чие прво рочиште од главната расправа денеска беше одложено бидејќи сè уште не се назначени застапници за две од трите фирми на Павловиќ обвинети во случајот.

Судијката Софче Гаврилова-Ефремова на денешното рочиште појасни дека повеќепати судот доставил барање до Павловиќ како управител на фирмите „Тотал медиа центар“ и „Тотал маркетинг ДОЕЛ“ да назначи адвокати што ќе ги застапуваат фирмите пред судот, но до денешното рочиште тоа не се случило.

Причина за тоа е што Павловиќ се повикува на мерката изречена од судот да не презема никакви активности како управител на фирмите, односно да не потпишува никакви документи.

Гаврилова-Ефремова рече дека тоа е во корист на постапката и ги задолжи адвокатите на Павловиќ, Светлана Савиќ и Анита Бегова, да го известат судот кој ќе ги застапува фирмите, односно да одлучат дали тие ќе бидат адвокати или судот ќе додели адвокат по службена должност.

Одбраната на Павловиќ до судот доставила и барања за изземање на дел од доказите на СЈО, бидејќи, како што посочија, тие се добиени на незаконит начин, алудирајќи на „бомбите“, но судот го одби и ова барање, наведувајќи дека обвинителниот акт веќе бил одобрен од совет и дека во оваа фаза судот не може да одлучува по жалби на одбраната.

Судијката Гаврилова-Ефремова го одби и барањето на адвокатите на Павловиќ за подготвително рочиште, на кое би се расправало во врска со овие барања. Таа посочи дека судот не нашол потреба за одржување на подготвително рочиште, а од друга страна, тоа не било претходно побарано од одбраната.

Обвинетиот Павловиќ по завршување на рочиштето, кое ќе продолжи на 7 декември, рече дека им се ускратени правата од судот и дека судијката „очигледно нема искуство во водење вакви случаи“.

– Ние го бараме тоа што му беше овозможено на Зоран Заев во неговиот случај „Поткуп“ – да поднесе жалба за издвојување на докази – рече Латас.

Латас и фирмите се товарат за даночно затајување, кривично дело за кое, како што посочи и судијката, е предвидена казна затвор од четири години. Поради ова предметот го суди петчлен совет. Како член на советот била назначена и судијката Софија Лаличиќ, која побара да биде изземена од советот.


Копривата како оружје во анти-ЕУ пропаганда преку сајтови и лица блиски до бившата власт


Скопје, 23 август, 2017 - 15:00 (META) 

Копривата неодамна стана оружје во пропагандната војна против ЕУ што со години се води во Македонија, откако некои македонски портали на крајот на минатата седмица лиферуваа неточни факти за регулативата на ЕУ, тврдејќи дека ќе се забрануваат лековитите билки, а првата ќе биде – токму копривата.

Текст со такво тврдење во петокот се појави на порталот „Старт“ на „Тотал Медиа“, зад која стои Драган Павловиќ – Латас, кој е и главен уредник на информативната програма на телевизијата „Сител“.

Почнувајќи од насловот „ЕУ ја забранува копривата (и не само неа), казната за нејзина употреба е две години затвор!?“, „Старт“ на почетокот на текстот изнесува тврдење дека „Земјите кои се кадидатки за членство во ЕУ ќе мора да прифатат забрана на лековити билки по европски закони“. Се застанува на тврдењето, а без докази, што воопшто не одговара на стандардите на исправен новинарски текст. Нема ниту линк до регулатива или предлог-регулатива на ЕУ, ниту пак посочување на вест објавена во некој медиум. Како „поткрепа“ се наведува само дека во Франција наводно е забранета копривата. „Имено, со регулатива на ЕУ на Французите им е забрането јавно да ја популаризираат копривата, како и нејзина употреба или во спротивно казната ќе биде две години затвор,“ се тврди во текстот.

start Latas 1aНо, само кратко пребарување на интернет доведува до информација дека во Франција било забрането на поединци да прават течно ѓубриво од коприва, што е стара традиција во Франција, но таа забрана воведена во 2006 година е поништена уште во 2011 година. Течноста произведена од коприва се користела и како средство за борба против инсектите на растенијата и против габичните зарази.

Пребарувањето на веб-сајтот на Европската комисија исто така не доведува до потврда дека ЕУ ќе забранува употреба на лековити билки.

Текстот во неделата е преобјавен и на друг портал на македонски јазик, по принципот „копи-пејст“.

Во изминативе години повеќепати се случуваше да се објавуваат текстови со шокантни тврдења за разни непопуларни мерки кои наводно ЕУ планира да ги спроведен. Посебно внимание покрена тврдењето од 2014 година, пренесено од голем број портали во земјава, дека наскоро во ЕУ задолжително ќе се ставаат РФИД идентификациски чипови на сите новороденчиња, што речиси во сите објави во Македонија беше оквалификувано како ставање на „жигот на Ѕверот“ споменат во Откровението, последната книга на Библијата. Но до такво нешто не дојде.

 

Интересно е што новиот текст, за наводната забрана на копривата, кој ја напаѓа ЕУ е објавен на портал зад кој, како што може да се утврди од Марнет, стои „Тотал Медиа Центар“, а како лице за контакт е наведен Драган Павловиќ – Латас. Тој во годините на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ како уредник и коментатор беше еден од најистакнатите поддржувачи на власта на ВМРО-ДПМНЕ и човек што ја сметаше ЕУ заедно со САД како главните поборници за симнувањето од власт на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, Латас и неговата фирма се обвинети во случајот „Тотал“ на Специјалното јавно обвинителство, објавен на 23 март годинава.  Според СЈО, сопственикот на споменатите компании во периодот од 2008 до 2015 година одбегнал плаќање данок во вредност од околу 180 илјади евра.


Љупчо Палевски беше на распит во СЈО, изјави дека станува збор за предистражна постапка


Скопје, 16 август, 2017 - 21:49 (META) 

Скопскиот бизнисмен Љупчо Палевски – Палчо беше на распит во Специјалното јавно обвинителство. Палевски, заедно со неговиот адвокат вечерва ги напуштија просториите на СЈО, по што кратко изјави дека станува збор за предистражна постапка.

Палевски вчера беше приведен на барање на Специјалното јавно обвинителство.

Засега официјално не е познато за што се товари Палевски. Се шпекулира дека Палевски е приведен поради тоа што на „Јутјуб“ објавил прислушувани приватни разговори на јавни личности, меѓу кои новинари и бизнисмени.

Уредникот на телевизија „Сител“, Драган Павловиќ – Латас во СЈО пријави вакви злоупотреби, а на профилот Палевски се појавија и снимки од бизнисменот Јордан Камчев.


Пешевски и Латас остануваат без пасоши, Апелација досега ги одби сите жалби на СЈО


Скопје, 17 јули, 2017 - 12:00 (META) 

Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски, кој е обвинет во случајот „Траекторија“ на Специјалното јавно обвинителство, останува без пасош и со обврска еднаш неделно да се јавува во суд. Вака одлучил Апелацскиот суд Скопје по разгледувањето на жалбите на СЈО и на одбраната на Пешевски минатата недела.

СЈО до Апелацискиот суд се жалеше на одлуката на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, кој одби на Пешевски да му биде одреден притвор и наместо тоа, одлучи да му одреди мерки на претпазливост. Од СЈО бараа второстепениот суд да му одреди притвор на Пешевски, а одбраната на поранешниот вицепремиер поднесе жалба со која бараше укинување на мерките за претпазливост.

Според решението, Кривичниот совет на Апелацискиот суд, составен од судиите Љиљана Ивановска-Шопова (претседател на Советот), Африм Фидани и Јани Нича, ги одбил како неосновани жалбите на СЈО и на одбраната и ја потврдил одлуката на Кривичниот суд.

Обвинителите на СЈО, во жалбата, меѓу другото, навеле дека обвинетиот Пешевски „поседува 24 активни банкарски сметки, на кои има постојан прилив и одлив на поголем износ на парични средства, па токму паричните средства што ги поседува и неговиот развиен бизнис надвор од границите на Македонија упатуваат дека може да се даде во бегство и да ја напушти државата“.

Од СЈО навеле и дека со обвинението се предложени и други сведоци кои сè уште не се испитани, што „упатува на оправдан страв дека обвинетиот, доколку се брани од слобода, ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоците, кои се предложени на листата на докази“.

Кривичниот совет на Апелацискиот суд ги одбил ваквите наводи како неосновани и оценил дека Основниот суд Скопје 1 донел правилна одлука дека „во оваа фаза на постапката, примената на мерката притвор не е оправдана и дека со примена на поблаги мерки, како што се определените мерки на претпазливост – обврска за јавување во судот и привремено одземање на патната исправа, успешно ќе се елиминира опасноста од бегство“.

Второстепениот суд ја одбил жалбата на одбраната на поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, кому му остануваат мерките за претпазливост, односно да му биде одземен пасошот и да се јавува во судот еднаш неделно.

На сила остануваат истите мерки и за новинарот Драган Павловиќ-Латас, обвинет во случајот „Тотал“, откако Апелацискиот суд го одбил барањето на СЈО да му биде одреден притвор, како и жалбата на обвинетиот против одлуката на Кривичниот суд да му биде одземен пасошот и еднаш неделно да се јавува во суд.

Апелацискиот суд досега ги одби сите жалби што ги поднесоа Специјалното јавно обвинителство и обвинетите против одлуките на првостепениот суд.

Инаку, денеска во Апелацискиот суд треба да се одржат нови пет јавни седници, на кои ќе бидат разгледувани жалбите на СЈО и на обвинети во случаите што ги отвори ова обвиниелство и за кои кон крајот на минатиот месец поднесе обвиненија.

СЈО бараше притвори за вкупно 18 обвинети, меѓу кои и за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, но кривичните совети на Основниот суд Скопје 1 ги одбија сите предлози и наместо притвор им одредија мерки на претпазливост.


Уредникот на „Сител“ денеска давал исказ кај Јанева


Скопје, 30 март, 2016 - 13:34 (META) 

Главниот и одговорен уредник на телевизија „Сител“, Драган Павловиќ – Латас денеска бил повикан во СЈО да даде исказ за предмет кој е во предистражна постапка, потврдија од Специјалното јавно обвинителство, објави „Плусинфо“.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рекла дека Павловиќ – Латас не дошол во СЈО поради нејзиниот повик туку дека дошол да даде исказ.

Половина час по доаѓањето на Латас во СЈО се појави и новинарката Ивона Талеска.


Демократската партија на Турците го осуди навредливиот говор на Латас


Скопје, 11 февруари, 2016 - 17:54 (META) 

Демократската партија на Турците на Македонија, која е дел од владината коалиција, го осуди навредливиот израз на главниот уредник на телевизија „Сител“, Драган Павловиќ – Латас, упатен кон турскиот народ.

„Новинарот Латас по многубројните реакции изрази извинување до турскиот народ и до турската држава. Иако извинувањето е доблест, многу е тешко да се излечат последиците од навредата упатена кон 300-милионскиот турски свет и на сите Турци во Македонија без оглед на нивната политичката припадност. Дополнително, со ваквиот испад на Латас е нанесена штета на односите помеѓу Македонија и Турција, кои се на многу високо ниво, а особено на Турците во Македонија кои се најлојалните граѓани на државата и воопшто не заслужуваат ваква квалификација. ДПТМ како партија која 25 години опстојува на политичката сцена во Македонија, никогаш не дозволила и нема да дозволи омаложување на турскиот народ“, се вели во реакцијата на ДПТМ.

Од партијата велат дека тие како коалициски партнер на Владата, направиле големи напори во поглед на остварување на уставно загарантираните права и како резултат на сето тоа се постигнати исклучиво позитивни резултати во областа на образованието, културата, здравството, застапеноста во институциите на системот.


Пломп: Реакциите на интервјуто со Латас ја покажуваат важноста на медиумите


Скопје, 11 февруари, 2016 - 16:20 (META) 

Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп денеска за „Мета“ изјави дека вчерашното интервју на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, со главниот и одговорен уредник на телевизијата „Сител“, Драган Павловиќ – Латас, е доказ за важноста на медиумите за демократијата во Македонија.

„Огромниот број реакции по синоќешното интервју ја докажува уште еднаш важноста на медиумите за демократските процеси во државата и нивното значење за граѓаните. Содржината на програмата треба да биде оценета од телото за саморегулација на медиумите и од државното регулаторно тело, односно Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, имајќи предвид дека – според македонското законодавство – телевизиските станици треба да обезбедат еднаков третман на различните гледишта и ставови. Ова е и една од причините поради која е значајно утрешното потпишување на Спогодбата за етичко известување и искрено се надевам дека повеќето медиуми ќе ѝ се приклучат – изјави Пломп.


Совет на етика: Латас ја злоупотреби функцијата новинар, уредник и домаќин


Скопје, 11 февруари, 2016 - 14:41 (META) 

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), по вчерашниот разговор во информативната емисија на „Сител“ во 19 часот, изрази сериозна загриженост поради непрофесионалното однесување на главниот и одговорен уредник, Драган Павловиќ – Латас, и непристојниот и несоодветен третман кон гостинот Зоран Заев.

Од Советот за етика во медиумите велат дека служењето со дискриминаторен речник, потценувачкиот и арогантен пристап, како и дискредитирањето на соговорникот значи еклатантно кршење на етиката во информирањето на јавноста и злоупотреба на функцијата новинар, уредник и домаќин во интервју или емисија.

„Фундаментална цел во работењето на медиумот е да ѝ служи на јавноста и да покренува прашања од јавен интерес низ факти, гледишта и коментари, а неоправданите шпекулации и гласини не треба да бидат претставени како факти. Служењето со непроверени информации и шпекулации ја водат јавноста во заблуда, може да создадат конфузија и до неконтролирани последици во однесувањето на поединци или групи. Медиумот истовремено ја сноси и одговорноста да му дозволи на соговорникот да ги искаже својот став и размислувања по одредени или поставени прашања“, реагираат од Советот.

Членовите го повикаа на соработка уредништвото на „Сител“, кое, како што велат, има крајна одговорност за тоа што се објавува и за придржување на стандардите на етичкото новинарство, за да се стекне и да се одржува доверба на јавноста во информирањето.

Исто така, членовите на Советот апелираат до граѓаните да ги пријавуваат сите случаи за кои сметаат дека има кршење на етичките стндарди.