Латас и Лазаров не се чувствуваат виновни за изговореното во спорниот поткаст на Јутјуб

Латас рече дека не се чувствува виновен и дека обвинението е тенденциозно, а било поднесено под притисок на мала група луѓе која себеси се дефинирала за јавност. И јутјуберот Лазаров изјави дека не се чувствува виновен

фото: принтскрин / видео од каналот „LAZAROV“ на Јутјуб

Драган Павловиќ-Латас и јутјуберот Стефан Лазаров на денешното судско рочиште рекоа дека не се чувствуваат виновни за обвинението за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Обвинението беше поднесено од Основното јавно обвинителство по објавениот поткаст на 14 февруари годинава, во кој Латас му беше гостин на Лазаров во поткастот.

Латас рече дека не се чувствува виновен и дека обвинението е тенденциозно, а било поднесено под притисок на мала група луѓе која себеси се дефинирала за јавност.

И јутјуберот Лазаров изјави дека не се чувствува виновен, кој вели дека двете минути од емисијата биле изведени од контекст и дека требало да се помине целата емисија за да се увиди мотивот на гостинот.

Инаку, обвинителството реагираше под притисок на јавноста неколку дена по објавувањето на интервјуто на 14 февруари, поднесувајќи обвинение бидејќи преку компјутерски систем ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.

Поднесено обвинение против Драган Павловиќ – Латас и Стефан Лазаров

Според обвинението, првообвинетиот гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на Јутјуб канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување.

“Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува особено меѓу младата популација, сепак не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан“, се наведува во обвинителниот акт.

За кривичното дело Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем е предвидена казна затвор од една до пет години.

Судскиот процес против Латас и Лазаров го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е обвинителот Даниел Коцев.