ААВМУ ја одзеде дозволата на радиото „Слободна Македонија“


Скопје, 17 мај, 2018 - 15:51 (META) 

Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на својата денешна седница ја одзеде дозволата за емитување на радиото „Слободна Македонија“.

Одлуката беше донесена едногласно, а по гласањето претседателот на Советот, Лазо Петрушевски, изрази жалење за вработените, кои како што рече, сигурно веќе подолго време се без работа.

– Сепак, Советот нема друга можност освен да постапи по законите, а медиумот има други можности, по судски пат да се обиде да ја продолжи битката – рече Петрушевски.

Постапката почна уште минатиот месец, откако стручните служби на ААВМУ по извршениот вонреден надзор констатирале дека оваа радиодифузна куќа повеќе не ги исполнува минималните кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување и му препорачаа на директорот на ААВМУ да достави предлог до Советот на ААВМУ за покренување постапка за одземање на дозволата за радио емитување.

Постапката за одземање на дозволата почна на 4 мај, кога претседателот на Советот рече дека останува законскиот рок од 15 дена откако радиодифузерот ќе ја добие одлуката, да преземе мерки за да ги исполни условите.

Но, како што рече тогаш директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски уште од 8 февруари годинава, кога се упатени првите предупредувања дека не се исполнува програмскиот концепт за кој е издадена дозволата за емитување, односно најмалку 40 отсто говорна програма, не е преземено речиси ништо, а од тогаш „ролетните во редакцијата се постојано спуштени“.


ААВМУ: 15 локални медиуми добија рок од 15 дена да ги платат лиценците или да стават клуч


Скопје, 8 февруари, 2018 - 12:14 (META) 

Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) денеска почна постапка за одземање на лиценците на 15 радија и телевизии што не го платиле надоместокот за емитување. Претходно, бидејќи си го подмирила долгот во дополнителниот рок, беше запрена постапката за одземање на дозволата на телевизијата „Тера“ од Битола.

Според претседателот на Советот на ААВМУ, Лазо Петрушевски, очигледно е дека неисполнувањето на обврските од радиодифузерите е поради финансиски проблеми, но законски Советот е обврзан да ги одземе лиценците ако не се платат.

Денеска најголема дискусија покрена предлогот за одземање на дозволата на универзитетското радио „УГД ФМ“ при универзитетот Гоце Делчев од Штип. Како што кажа членот на Советот на ААВМУ, Зоран Фидановски, „жалосно е што ова непрофитно радио се наоѓа во таква состојба, затоа што станува збор за добро опремена куќа во која се обучуваат дел од студентите“. Тој изрази надеж дека универзитетот ќе најде сила во рок од 15 дена да плати за дозволата.

На тоа Зоран Трајчевски, директорот на АВМУ рече дека може и да се случило радиото да има испратено налог до Министерството за финансии, па ААВМУ да не е информирана.

– Можеби платиле. Сме имале такви случаи во минатото, со ненавремено префрлање средства, па ни праќале вирман. Да се надеваме дека и сега е така – рече Трајчевски.

Инаку, од 15-те радија и телевизии, само две, радиото „Бум“ од Куманово и радиото „Аниса“ од Пласница подмириле дел од парите за годишната дозвола за емитување. Другите,
телевизијата „Ера“ од Скопје, радиото „Канал 77“, телевизијата „Канал 1“ од Велес, телевизијата „К3“ од Куманово, телевизијата „Спектра“ од Лабуништа, радиото „Дуе“ од Гостивар, радиото „Акорд“ од Кичево, радиото „Лав“ од Охрид, радиото „Тет“ од Прилеп, радиото „Фама“ од Тетово и радиото „Ред ФМ“, добија рок од 15 дена да ги исплатат парите или почнатата обврска за одземање на нивните лиценци ќе биде финализирана.


„Алфа“, „Сител 3“, „Сонце“, „Скопје“ и „Слободна Македонија“ имаат две седмици да ја платат лиценцата


Скопје, 7 февруари, 2018 - 13:16 (META) 

Советот на Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги (ААВМУ) на денешната, 5-та седница годинава, едногласно донесе одлука да почне постапка за одземање на дозволите за емитување на радиото „Слободна Македонија“ и на телевизиите „Алфа“, „Сител 3“, „Сонце“ и ТВ „Скопје“, но им остави уште две седмици да го платат надоместокот.

Претседателот на Советот, Лазо Петрушевски, побара ААВМУ да ги извести радиодифузните куќи кога ќе им истече рокот за плаќање на лиценцата. Ако не го испочитуваат, ќе ги изгубат дозволите за емитување.

На седницата  членовите на Советот едногласно дадоа дозвола за промена на сопственичката структура на штипското радио „Енџелс“. По проверките што АВМУ ги извршила било утврдено дека фирмата „Енџелс“ основана од Зоран Илиев, која работела на полето на трговија со пијалоци, немала активности на полето на медиумите, па со промената на сопственичката структура не се создава „недозволена медиумска концентрација“.

Советот следна седница ќе има утре со почеток во 11 часот, кога треба да расправа за одземање лиценци на уште 17 радиодифузни куќи поради истата причина по која расправаше денеска – неплатен надомест за дозволата за емитување.