Денеска јавна дискусија за транспарентноста на Владата


Скопје, 2 март, 2018 - 9:51 (META) 

Јавна дискусија за агендата за транспарентност на Владата ќе се одржи денеска во 12 часот, во медиа-центарот на Владата.

На дискусијата ќе се обрати министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, а целта е, како што информираат од Владата, размена на идеи и мислења за актуелните политики и процеси поврзани со транспарентноста и работата на Владата.

„Од вас очекуваме споделување на досегашни искуства и предизвици во вашата работа, како и конкретни решенија и предлог политики за подобрување и унапредување на работата на Владата во насока на агендата за транспарентност. Оваа јавна дискусија е од отворен тип, а на истата и претходеа серија консултативни средби со различни граѓански организации“, се вели во соопштението од Влада.


ВМРО-НП бара укинување на приватните пензиски фондови


Скопје, 12 февруари, 2018 - 12:24 (META) 

ВМР -Народна партија бара итно укинување на приватните пензиски фондови, односно откажување од т.н. втор столб и враќање кон единствен државно гарантиран пензиски систем.

Ставот на партијата на Љубчо Георгиевски е во рамките на дискусиите за реформа на пензискиот систем, што се отвора деновиве, а која, според партијата, оти во два правци – да се зголемат годините за пензионирање на граѓаните и второ, да се зголеми процентот на придонесите на платите.

„Сакаме да потсетиме дека оваа реформа со втор пензиски столб и беше наметната на Македонија, но и на цела Источна Европа од страна на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка без никаква сериозна поткрепа во економијата“, стои во соопштението на ВМРО-НП.

Од партијата додаваат дека денесе во цела источна Европа се води дискусија за промашеноста на пензиските реформи, а Романија е веќе во завршна фаза за укинување на овој тип наметнати решенија.


ДИК отфрли еден приговор на ВМРО-ДПМНЕ, друг предизвика жестока дискусија


Скопје, 19 октомври, 2017 - 13:39 (META) 

Државната изборна комисија денеска едногласно го офрли приговорот на ВМРО-ДПМНЕ, со кој партијата бараше да се поништи гласањето на две избирачки места во Прилеп, поради тоа што копиите од записниците не одговарале на оригиналот.

ВМРО-ДПМНЕ ги достави копиите со приговорот, а ДИК откако го провери ориганалот од општинската изборна комисија, заклучи дека копиите и оригиналите не се еднакви, но процени дека тоа не е причина за поништување на гласањето на двете избирачки места во Прилеп.

Остри дискусии се одвиваа помеѓу членовоите на ДИК за вториот притвор од ВМРО-ДПМНЕ, кој се однесува на гласачкото место 2806/1, во скопската општина Центар, каде според партијата, гласањето терба да се поништи затоа што во кутија биле најдени 352 ливчиња, а во избирачкиот список има 351 потпис.

Членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева и Сашо Срцев, тврдеа дека станува збор за нерегуларност и дека гласањето мора да се поништи, додека членовите на ДИК од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев, сметаа дека станува збор за ситен пропуст кој не влијае на регуларноста.

Како што беше кажано на седницата, гласач во општина Центар не ги зел гласачките ливчиња за совет и за градоначалник на општината, туку ги зел само ливчињата за совет и за градоначалник на Град Скопје, поради што одбил да се потпише.

За да се расчисти ситуацијата, на барање на членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, но и на членовите од експертскиот дел, Комисијата го побара целиот гласачки материјал од тоа избирачко место, за да направи увид и да донесе заклучок за состојбата.

Главна забелешка за приговорот за избирачкото место 2806/1 од Дума и од Милев беше дека приговорот е и технички и суштински несоодветен, оти ВМРО-ДПМНЕ прво направила техничка грешка и од партијата навеле дека се работи за приговор за општина Прилеп, а не за општина Центар, а потоа и дека не е напишано во кои кутии е најдено ливчето што е вишок и за тоа побараа да се отфрли приговорот. На ова реагираше Невенка Стаменковска, претставник на подносителот на приговорот – ВМРО-ДПМНЕ, која рече дека станува збор за нерегуларност и дека ДИК и по службена должност би морала да решава за оваа ситуација.

Неа ја поддржа Бонева, по што следуваше полемика меѓу Бонева и Милев, во која се уфрлаа и другите членови.

По паузата, којата беше дадена за да се донесе гласачкиот материјал од избирачкото место во општина Центар, ДИК продолжи со седницата, на која се разгледуваат и се одлучува по приговорите за изборниот процес на локланите избори што се одржаа во неделата на 15 октомври.


Шилегов: ВМРО-ДПМНЕ да престане да ги штити Зврлевски и криминалот


Скопје, 11 август, 2017 - 16:03 (META) 

„ВМРО-ДПМНЕ треба да престане да ги штити Марко Зврлевски и криминалот во оваа земја. За жал, пратениците на оваа партија се инструментализирани и преку обид да направат целосна блокада на Собранието, дејствуваат всушност единствено во заштита на криминалот на нивното партиско раководство“, порача на прес-конференција во Собранието на Република Македонија пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов.

– Ние сме свесни дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ е исклучително нервозно поради судските процеси што ги чекаат. Но, нивната нервоза нема да ја спречи правдата и нема да спречи конечно во Македонија сите да бидат еднакви пред законот и еднакво да одговараат за своите постапки. Доколку навистина веруваат дека нивното толкување на членот 8а од Изборниот законик е такво какво што е и дека разрешувањето на Марко Зврлевски би било незаконито, тоа е причина повеќе да се повлечат бесмислените дебати, реторики, реплики и контрареплики на самите себе, за ако е навистина незаконито тоа разрешување, да може Марко Зврлевски понатаму да си поведе постапка за таква незаконитост – порача Шилегов.


Породилното отсуство и замениците министри во сенка на депонијата во Струга


Скопје, 15 јуни, 2017 - 20:11 (META) 

Собранието и денеска не гласаше за именувањето на замениците министри во Владата. Пратениците, на денешното пладневно продолжение на петтата седница, водеа паралелни дискусии за иницијативата за продолжувањето на породилното отсуство и за ситуацијата со пожарот во депонијата во Струга, за која пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараа одржување на итна собраниска седница.

Пладневниот дел од седницата продолжи во тензична атмосфера, откако претседателот на Собранието, Талат Џафери, побара собраниското обезбедување да го отстрани пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, од собраниската говорница бидејќи Ѓорчев излезе да говори без да добие дозвола од собранискиот спикер. По ова, група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ја опколија собраниската говорница за да не дозволат обезбедувањето да стигне до Ѓорчев, по што собранискиот спикер даде 10-минутна пауза.

Во продолжението пратеникот Илија Димовски го обвини парламентарното мнозинство за двојни стандарди. Тој рече дека во случајот со загадувањето во Тетово и со комбинатот „Југохром“ СДСМ, како тогашна опозиција, ја кренала целата држава на нозе, а сега ја игнорира состојбата со депонијата во Струга, не сака да се дискутира за неа и бега од одговорност.

Влатко Ѓорчев, надоврзувајќи се, рече дека институциите за кои сега е одговорна новата Влада со денови не можат да изгаснат еден пожар во Струга. Тој го обвини мнозинството дека е неспособно да владее, бидејќи не може да се договори за кадровските решенија во вториот и во третиот ешалон.

На ова реагираше пратеникот Петре Шилегов од СДСМ, кој рече дека приказната со депонијата во Струга се повторува секоја година во изминатите 11 години и дека ако претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ била толку загрижена, досега ќе направела пристојни депонии.

Инаку, на денешната седница заврши дискусијата по иницијативата на 217 граѓани за продолжување на породилното отсуство, а заклучокот што го соопшти спикерот Џафери беше дека таа е неуредна. Пратениците по заклучокот ќе гласаат на седницата закажана на 22 јуни.

Пратеникот на СДСМ, Александар Кирацовски, рече дека оваа тема вреди за внимание и за јавна расправа, но она што ја спречува оваа иницијатива да влезе во понатамошна процедура се неколку правни неправилности.

– Во записникот за собирање потписи за подигнување на граѓанската иницијатива стои „измени на закон за породилно отсуство“ (наместо измени на Законот за работни односи). Таков закон македонскиот правен систем не познава. Затоа ние како пратеничка група решивме правно да ја отфрлиме, но одлучивме суштински да ја поддржиме оваа иницијатива и да им помогнеме на граѓаните – рече Кирацовски, кој ги повика пратениците да не се занимваат со политикантство и заеднички, низ правна процедура, да донесат законско решение со кое ќе им помогнат на родилките.

На одбивањето на СДСМ да ја прифати иницијативата, жестоко реагираа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.


ДПМНЕ се жали ако ја именуваат без ВМРО


Скопје, 31 мај, 2017 - 18:59 (META) 

Со процедурална забелешка во попладневната сесија, пратеникот Илија Димовски ја разби долгата расправија со реплики и со контрареплики од пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со СДСМ за тоа кој колку направил за земјоделството и кој колку ќе направи за земјоделците. Димовски побара да се внимава на имињата, односно, побара претседателот на Собранието да ги укорува пратениците од владејачкото мнозинство кога не го користат целото име на ВМРО-ДПМНЕ.

– Реагиравме и пред еден месец зашто името на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ не се почитува. Нема да ги кажам сите креативни варијации на името на вашата партија. Апелирам до колегите пратеници и до пратеникот Талат Џафери, кој моментално седи на тоа столче на кое се претседава, да реагира – побара Димовски.

Џафери одговори дека што се однесува до употребата на имиња, тоа е работа на тие што говорат во Собранието, оти тој не им е во умот.

– Оставам на вас да ги користите автентичните имиња – рече Џафери.

Инаку, во последно време токму пратениците и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, за Социјалдемократскиот соујз на Македонија, наместо кратенката СДСМ, ја користат – „СДС“.

 


Денеска состанок на централното претседателство на ДУИ


Тетово, 3 март, 2017 - 10:12 (META) 

Централното претседателство на Демократската унија за интеграција за денеска закажало состанок во седиштето на партијата во Мала Речица, јавуваат медиумите.

На средбата се очекува да се разговара за пораките што вчера на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, му ги пренела високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европска Унија, Федерика Могерини.

Централното претседателство се очекува да разговара и за последната средба на Ахмети со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Од ДУИ соопштија дека Ахмети на средбата со Могерини, која вчера имаше средби со лидерите на парламентарните политички партии, невладините организации и со претседателот на државата, Ѓорге Иванов, истакнал дека тој и партијата остануваат посветени на наоѓањето на политичко решение за излез од актуелната криза околу составувањето на нова влада.


Поделеност помеѓу Ахмети и членовите на партијата за коалициониот партнер


Тетово, 29 јануари, 2017 - 19:07 (META) 

Неофицијално, седницата на централното претседателство на ДУИ во Мала Речица почнала со голема поделеност помеѓу членовите на партијата, така што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и неговите најблиски соработници сакале да продолжи соработката со ВМРО-ДПМНЕ, а потпретседателите не се согласувале со ваквата одлука и биле за коалиција со СДСМ.

Поделеност во однос на коалицирањето со ВМРО-ДПМНЕ имало и во новиот пратенички состав на ДУИ. Но, пратениците кои биле за тоа ДУИ да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ не сакале партијата да ја води Никола Груевски и да нема функции за осомничените од Специјалното јавно обвинителство.

На маса бил ставен предлог како да се имплементира платформата на ДУИ, која е дел од албанската платформа што политичките партии на Албанците ја потпишаа во Тирана.

Се разговарало и за измени на Законот за употреба на јазиците, распределба на министерските места, така што ДУИ барале осум министерски места, вклучително и МВР на чело со сегашниот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, при влегување на средбата со претседателството, изјавил дека не се знае во кој правец оди партијата и дека дискусијата ќе биде долга и тешка.

Централното претседателство на ДУИ почнало да заседава во 17 часот, а дотогаш Ахмети имал средба само со потпретседателите на партијата заради дополнителна консултација во пресрет на одржувањето на централното претседателство.

Неофицијално, во 19 часот ќе се одржи средба на ВМРО-ДПМНЕ со коалициските партнери, а во 21 часот, пак, се очекува состанок на централното претседателство на партијата, по кој ќе треба да се соопшти дали мандаторот Груевски успеал да обезбеди мнозинство за да состави нова влада.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ сака политички да ја злоупотреби поплавата


Скопје, 23 август, 2016 - 14:35 (META) 

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ е секогаш за дебата во Собранието, затоа поддржува одржување на надзорна расправа за поплавите што ја погодија Македонија, одговори владејачката партија на барањето од СДСМ.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како досега, така и сега, поддржува дебата и ќе направи сè што е во нејзина можност, преку дебата и преку постапки во Собранието да им помогне на граѓаните во погодените подрачја, иако сме свесни дека СДСМ, како и на пленарната седница, така и сега, единствено сака политички да ја злоупотреби оваа тема“, пишува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партијата, во недостиг од идеи, програма, кадровски капацитет и поради нискиот рејтинг, СДСМ се обидува преку поплавата да добие евтини политички поени.


Одложена расправата за Македонија во Брисел, Кундерс повика на консензус на сите партии


Брисел, 23 мај, 2016 - 19:37 (META) 

Советот за надворешни работи на Европската унија ја одложи расправата за состојбата во Македонија за 20 јуни, бидејќи министрите на Германија и Велика Британија, кои побараа да се дискутира ова прашање, не биле присутни на крајот на состанокот.

Велика Британија и Германија претходно побараа ова прашање да се најде под точката „разно“ на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.

Претседавачот на Советот на министри, шефот на холандската дипломатија Берт Кундерс за порталот „Нова“ изјави дека излезот од македонската криза се наоѓа во исполнување на сите услови.

– Сите партии треба околу тоа да се согласат и да најдат пат кон излез од кризата. Според мене тоа се состои од датум за избори, услови за слобода на изразување и да се спроведат судските процеси според националните и меѓународните стандарди. Ниту јас, ниту Европа, не сме тие кои треба да одлучат и да ја решат ситуацијата. Тоа е одлука на македонските граѓани кои треба да кажат дали сакаат фер и слободни избори и да придонесат за интеграција во евро-атлантската структура – вели Кундерс.