!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Над Сплит облак од чад, во Бока Которска гаси пожарникарски авион


Сплит, 19 јули, 2017 - 11:44 (META) 

Голем облак од чад се надвива над хрватскиот град Сплит, кој од понеделникот се бори со пожарите, а изгореа и некои куќи на периферијата. Утрово уште беше активен пожарот на планината Мосор, поради што треба да се интервенира со „канадери“.

Пожарникарите се и понатаму на терен, а во целиот град се до Солин се чувствува непријатен мирис. Поради тоа пожарникарите им препорачуваат на граѓаните да ги затворат прозорците и да ги користат климатизерите. На отворено, тешко се дише иако надлежните смируваат дека воздухот не е толку опасен.

Вчера гореше и кај Љубиње, во Босна и Херцеговина, но утрово сите пожари се изгаснати. Шумските пожари таму беснееја пет дена, а од завчера ги гаснеше хеликоптер на вооружените сили на БИХ. Досега се изгорени илјадници хектари шума и ниска вегетација, но и стока, некои објекти и четириесетина бандери.

На црногорското приморје, пак, од утрово пожарите ги гасне и украински противпожарен авион, кој има капацитет од осум тони вода. Тој првпат полета на задача во 7.20 утрово, од аеродромот во Тиват.

Пожарите се предизвикани од високата температура што предизвика сушење на вегетацијата, а се ширеа бргу поради силниот ветер долж јадранскиот брег во изминатите денови.