ВМРО-ДПМНЕ (ФИРОМ): Вака сестринските партии го најавија Груевски во Малта


Сент Џулијан, 27 март, 2017 - 15:38 (META) 

На конгресот на Европската народна партија (ЕПП), кој се одржува в среда и в четврток на Малта, делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од партискиот претседател Никола Груевски, е најавена како партија „од ФИРОМ“. Тоа стои во списокот на партиите-учеснички објавен на веб-страницата за годишниот конгрес на ЕПП.

Во него, на листата на придружни членки на ЕПП, е наведена и ВМРО-ДПМНЕ со пет делегати.
Го прашавме портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, дали се планира Груевски да реагира поради ваквото ословување од сестринските партии.

– Ние сме дел од ЕПП под референцата на која се согласи СДСМ, со образложение дека истата немало да трае повеќе од неколку месеци. Ние како ВМРО-ДПМНЕ во секоја пригода укажуваме дека нашето уставно име е Република Македонија, но грешките и пропустите од минатото тешко се поправаат – одговори Котевски.

Конгресот ќе се одржува во хотелот „Интерконтинентал“ во гратчето Сент Џулијан.


Дачиќ не попушта: Дали денеска ја посетив Македонија или БЈРМ, зависи од нив


Белград, 9 февруари, 2017 - 20:55 (META) 

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, преку весникот „Блиц“ одговори на прашањето „дали знае во која земја доаѓа, Македонија или БЈРМ“, што денеска му беше поставено од медиумите во Скопје, откако тој неодамна рече дека Србија погрешила што ја признала Македонија под нејзиното уставно име затоа што Македонија го признала Косово и го поддржала неговото членство во УНЕСКО.

Српскиот весник го цитира насловот од текстот на „Мета“, „Ивица „Ние сме будали што ве признавме“ Дачиќ дојде во Македонија или во БЈРМ?“, во кој се најавува министерскиот состанок на шесте земји од Западен Балкан во Скопје. Дачиќ на прашањето не дава прецизен одговор и наведува дека тоа не зависи од него.

– Тоа зависи од нив. Каков став ќе имаат тие за нашето најважно прашање, таков ќе имаме и ние за нивното. Без лутење и расправии, само чисти сметки – изјавил Дачиќ за „Блиц“.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, одговарајќи на новинарско прашање дали Дачиќ знае која земја ја посетува, рече дека неговиот српски колега добро знаеше каде дошол и дека не е единствениот во Србија што знае која е оваа земја.


Ивица „Ние сме будали што ве признавме“ Дачиќ дојде во Македонија или во БЈРМ?


Скопје, 9 февруари, 2017 - 11:02 (META) 

На министерскиот состанок во Скопје дојде и шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, кој неодамна рече дека Србија погрешила што ја признала Македонија под нејзиното уставно име затоа што Македонија го признала Косово и го поддржала неговото членство во УНЕСКО.

– Србија направи голема грешка. Цела Европа и целиот свет го користат називот Поранешна Југословенска Република Македонија, а ние им удривме шамар на нашите браќа Грци и сега очекуваме од Грците да не го признаат Косово, а Македонија ја признавме навредувајќи ги Грците, додека тие (Македонците) секогаш гласаат за Косово. Јас морам да кажам дека сме будали – изјави тогаш Дачиќ.

Тој додаде дека Белград во билатералните односи со Скопје и понатаму ќе го користи уставното име на Македонија, но дека мултилатерално ќе го користи името кое се употребува во ЕУ и во Обединети нации – БЈРМ.

По релативно благата реакција на македонското МНР и појавата на терминот БЈРМ на српските патарини, Дачиќ рече дека Србија бара „обостран коректен однос“.

– Ако веќе протестираат поради сметката за патарина, што би требало ние да направиме поради нивното признавање на Косово и гласањето во УНЕСКО – изјави Дачиќ за „Вечерње новости“.

Дачиќ, исто така, праша зошто Македонија не ги напушти Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ и состаноците со ЕУ, каде фигурира под референцата БЈРМ.

– Зошто седат под тоа име, а сега им е проблем сметка за патарина на која истото го пишува? Србија не го сменила својот став за признавање на Македонија, но и за Србија е навредливо и срамно кога тие велат „Република Косово“ – рече Дачиќ.

Повеќе за изјавите на Дачиќ и за реакциите на нив на следните линкови:

http://meta.mk/dachik-srbija-pogreshi-shto-ja-prizna-makedonija-pod-ustavno-ime/

http://meta.mk/mnr-do-dachik-da-ne-se-rushi-prijatelstvoto-megu-graganite-na-srbija-i-makedonija/

http://meta.mk/dachik-ja-spushta-topkata-prijatelstvoto-treba-da-se-pochituva-i-vo-skopje-i-vo-belgrad/

http://meta.mk/dachik-ako-vi-e-navredlivo-bjrm-zoshto-sedite-vo-on-eu-obse-i-sovetot-na-evropa/

http://meta.mk/mnr-za-meta-dachik-se-plashi-izlivite-na-shovinizam-da-gi-nasochi-kon-golemite-sili/


МНР за „Мета“: Дачиќ се плаши изливите на шовинизам да ги насочи кон големите сили


Скопје, 21 јануари, 2017 - 12:10 (META) 

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, се плаши своите изливи на шовинизам да ги изрази кој најголемите сили кои го признаа Косово, па затоа се конфротира со најмалите земји во Европа, велат за „Мета“ од Министерството за надворешни работи на Македонија, по последната изјава на шефот на српската дипломатија во која се прашува зошто Република Македонија членува во меѓународни организации под референца, а не под уставно име.

„Да го прашаме Дачиќ зошто вака не се пресметуваат со сите земји што го признаа Косово, како САД, Германија, Велика Британија, традиционално пријателската Франција, со Италија со која имаат заеднички седници на влада итн. Да ги прашаме зошто не направат исти гестови кон стотина земји во светот што го признаа Косово и зошто со колегите од сите овие земји Дачиќ остварува средби? Зошто преговараат со Европската Унија, каде повеќе од 80 отсто од земјите го признаа Косово? Зошто се труди да има добри државни и лични пријателски односи со Меркел, Оланд, Меј и со нивните министри за надворешни работи, земји кои во првата група го признаа Косово? Зошто токму сега, пред претседателските избори во Србија, му текна да се конфронтира само со најмалите земји во Европа, како Македонија или Црна Гора? Дали, можеби, Дачиќ се плаши истите негови изливи на шовинизам да ги изрази кон другите 134 земји, а особено кон најголемите сили? Дефинитивно, Дачиќ може да најде и подостоинствен начин да им се претстави на српските гласачи“, коментираат од македонското МНР.

Дачиќ вчера, по повод барањето на македонското МНР да не се користи референцата БЈРМ на патарините, затоа што е навредлива, изјави дека и за Србија е навредливо користењето на називот „Република Косово“. Тој притоа праша зошто Македонија не ги напушти Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ и состаноците со ЕУ, каде фигурира под референцата БЈРМ.

– Зошто седат под тоа име, а сега им е проблем признаницата на која истото го пишува? Србија не го сменила својот став за признавање на Македонија, но и за Србија е навредливо и срамно кога тие велат „Република Косово“ – рече Дачиќ.

Шефот на српската дипломатија на почетокот од годинава во интервју за новинската агенција „Бета“ рече дека Србија згрешила што ја признала Македонија под уставното име, бидејќи Македонија ја признала независноста на Косово. Тој рече дека во билатералните односи со Скопје ќе го употребува уставното име, но дека мултилатерално ќе ја користи кратенката БЈРМ, која ја употребуваат ЕУ и ОН.


Дачиќ: Ако ви е навредливо БЈРМ, зошто седите во ОН, ЕУ, ОБСЕ и во Советот на Европа?


Белград, 20 јануари, 2017 - 17:22 (META) 

За Србија е навредливо користењето на називот „Република Косово“, изјави денеска шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, по повод барањето на Министерството за надворешни работи на Македонија да не се користи референцата БЈРМ, затоа што е навредлива.

– Ние бараме обостран коректен однос. Ако веќе протестираат поради признаницата за патарина, што би требало ние да направиме поради нивното признавање на Косово и гласањето во УНЕСКО – изјави Дачиќ за „Вечерње новости“.

Дачиќ, исто така, праша зошто Македонија не ги напушти Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ и состаноците со ЕУ, каде фигурира под референцата БЈРМ.

– Зошто седат под тоа име, а сега им е проблем признаницата на која истото го пишува? Србија не го сменила својот став за признавање на Македонија, но и за Србија е навредливо и срамно кога тие велат „Република Косово“ – рече Дачиќ.

Дачиќ на почетокот од годинава во интервју за новинската агенција „Бета“ рече дека Србија згрешила што ја признала Македонија под уставното име, бидејќи Македонија ја признала независноста на Косово. Дачиќ рече дека во билатералните односи со Скопје ќе го употребува уставното име, но дека мултилатерално ќе ја користи скратеницата БЈРМ, која ја употребуваат ЕУ и ОН.

Во меѓувреме, српското јавно претпријатие „Путеви Србије“ за „Мета“ соопшти дека референцата БЈРМ се користи веќе цел месец и оти системот за наплата е во фаза на тестирање. Тие истакнаа дека од утре, наместо „Владичин Хан – граница са БЈРМ“, на сметките ќе стои релација Левосоје – Прешево.


Од утре Србија ја брише БЈРМ од патарините, велат за „Мета“ од „Путеви Србије“


Скопје, 20 јануари, 2017 - 16:51 (META) 

Македонија веќе цел месец фигурира со ознаката БЈРМ на сметките од патарините во Србија, соопштија за „Мета“ од српското јавно претпријатие „Путеви Србије“.

„Во однос на Вашето прашање, поврзано со натписот на признаницата за наплата на патарина на делница од автопатот кај Прешево, Ве известуваме дека системот за наплата на патарините на наведената делница е пуштен во употреба пред еден месец и сè уште е во фаза на тестирање. За Ваша информација, од утре, 21 јануари 2017 година, на признаницата ќе стои релација Левосоје – Прешево“, соопштија од „Путеви Србије“.

Министерството за надворешни работи на Македонија, откако во вторникот „Мета“ побара одговор дали имаат информација дека на српските патишта фигурираме како БЈРМ и од кога на српските патарини се користи скратената референца, денеска излегоа со соопштение во кое се наведува дека веднаш реагирале до властите во Белград и побарале итна корекција.

„Oваа недоследност треба веднаш да биде коригирана. Веруваме дека ваквата провокација која ги навредува чувствата на македонските граѓани не е одраз на добрососедство. Несоодветно и срамно е да се именуваме на навредлив начин како соседи“, велат од МНР, и додаваат дека користењето на референцата и на кратенката од референцата наместо уставното име на Република Македонија e во спротивност со воспоставените дипломатски односи меѓу Македонија и Србија.


МНР бара Белград итно да го отстрани називот БЈРМ од сметките на патарините


Скопје, 20 јануари, 2017 - 13:08 (META) 

Македонското Министерството за надворешни работи побарало од властите во Белград итно го сменат именувањето на нашата земја на фискалните сметки на патарините во Србија, соопштија од МНР.

„Министерството за надворешни работи на Република Македонија по дипломатски пат побара итна корекција на именувањето на Република Македонија од страна на државните органи во Република Србија“, стои во соопштението, кое доаѓа по појавата на именување на Република Македонија со референцата и со кратенката од референцата на патарините во Србија.

Од МНР наведуваат дека користењето на референцата и на кратенката од референцата наместо уставното име на Република Македонија e во спротивност со воспоставените дипломатски односи меѓу Македонија и Србија.

„Oваа недоследност треба веднаш да биде коригирана. Веруваме дека ваквата провокација која ги навредува чувствата на македонските граѓани не е одраз на добрососедство. Несоодветно и срамно е да се именуваме на навредлив начин како соседи“, велат од МНР.

Пред неколку дена на „Твитер“ се појави фотографија од сметка изадена на српската патарина во Прешево, на која за Македонија е наведено БЈРМ.

„Мета“ во вторникот побара одговор и од српското јавно претпријатие ЈП „Путеви Србије“ од кога Македонија на фискалните сметки фигурира како БЈРМ, но засега сè уште нема добиено одговор на испратеното прашање.


За гафот со „Македонија“, се бара линч на министерот Музалас и виси целата грчка влада


Атина, 16 март, 2016 - 9:07 (META) 

Грчката влада ненадејно се најде пред нова внатрешна криза поради  именувањето на нашата држава како Македонија. Грчкиот министер за миграција Јанис Музалас доцна ноќеска во телевизиско интервју, говорејќи за бегалската криза, наместо Скопје или БЈРМ, ја именуваше нашата држава како Македонија, гест што предизвика итно барање за негова оставка од коалицискиот партнер на СИРИЗА, Независни Грци и од опозициската Нова демократија.

Лидерот на Независни Грци и министер за одбрана, Панос Каменос, бара оставка од Музалас и индиректно се заканува со напуштање на владата доколку министерот не се повлече.

– Музалас е обврзан да си даде оставка. Нема место за гафови во политиката. Гафовите ги плаќаме – истакна Каменос во интервју за телевизијата „Мега“, останувајќи на ставот дека нема да го толерира овој чекор на Музалас поради тоа што смета дека министерот направил голема национална штета на Грција.

Грчкиот министер за миграција, кој периодов на свои плеќи го носи товарот за бегалската криза и е еден од најактивните во целата влада, веднаш по реакциите на интервјуто се извини, објаснувајќи дека се работи за лапсус.

– Се извинувам за мојата грешка во интервјуто со новинарот Павлос Ѕимас, која не одговара на мојот став и на моите верувања околу националната тема со БЈРМ – вели Музалас во соопштение до медиумите и до политичките соработници.

Каменос на извинувањето преку „Твитер“ само грубо одговори дека тоа не е доволно и тој инсистира на негова оставка. Прашањето за оставка на Музалас, Каменос го отворил и пред премиерот Алексис Ципрас, кој изутринава поради оваа ситуација свика вонредна владина седница. Под знак прашалник е дали Ципрас ќе дозволи да го исфрли од владата министерот што се справува со најважниот предизвик за државата во моментов.

Грчката влада излезе со соопштение доцна вечерта, во кое изрази поддршка за Музалас, оценувајќи го како претерување обидот една случајна грешка да фрли сенка на целата макотрпна работа на Музалас. Меѓутоа, соопштението беше насочено главно кон обвинувањата од Нова демократија и кон нивното барање за оставка на Музалас.

„Грција во секој случај, кога се однесува на соседната држава, го користи меѓународно признаеното име БЈРМ. Обидот да се направи голем инцидент поради тоа што во интервју министерот за миграција, Јанис Музалас, во текот на говорот БЈРМ ја именуваше како Македонија е претерување во најмала рака. Обидот да се обезвредни министерот, кој секојдневно се бори со бегалската криза, е неодговорен и лицемерен“, се вели во владиното соопштение.

Фактот дека СИРИЗА и Независни Грци имаат целосно спротивни ставови околу спорот за името и Македонија е познат од самиот почеток и отвори дилеми како воопшто овие две партии ќе коалицираат кога се на сосема различна бранова должина за надворешната политика. Она што изненадува во моментов е дека Независни Грци дозволуваат да се креира внатревладина кавга и доведување на владата на раб на опстанок во момент кога на Ципрас му гори под нозе и за финансиската и за бегалската криза.

Опозициската Нова демократија го искористи „лапсусот“ на Музалас за да ја дискредитира владата, коментирајќи дека Музалас треба да размисли веднаш за оставка бидејќи со својата изјава само ги засилува аргументите и политиката на македонската влада.

„Во моментот кога ситуацијата на Идомени и целата бегалско-мигрантска криза е надвор од контрола и почнува да ги засегнува и нашите врски со Скопје, Музалас направи голем гаф, кој не може да се покрие со објаснувања, понатамошни разјаснувања и со оправдувања“, истакнаа од Нова демократија.

Ова не е првпат десничарската партија да ја обвинува СИРИЗА за обид да се „продаде“ името Македонија, обвинувања кои беа особено гласни во предизборните периоди минатата година. Меѓутоа, левичарската партија повеќепати има докажано дека во суштина останува на грчките црвени линии, ја именува нашата држава како БЈРМ и го поддржува ставот дека преговорите за името треба да завршат со решение кое би подразбирало сложено име со географска одредница.

Целата кавга фрла сенка и на иницијативата на македонската и на грчката страна за мерките за градење доверба.

 


Грците нервозни: Столтенберг четирипати рече „Македонија“


Атина, 19 мај, 2015 - 10:17 (META) 

Именувањето на Македонија под уставното име од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предизвика реакции во Грција.

Грчките претставници на заедничкиот состанок на министри за надворешни работи и за одбрана на ЕУ реагирале веднаш штом Столтенберг почнал да нè именува „Македонија“.

Грција планира да испрати протестна нота од постојаното претставништво на Грција во НАТО до генералниот секретар за да реагира за оваа постапка на Столтенберг и за прекршувањето на нивното барање Македонија да биде именувана постојано под привремената референца.

Грчкиот весник „Прото тема“ забележува дека Столтенберг дури четирипати нè именувал „Македонија“, отворено, без никаков проблем.

„Неколку дена откако прегрнат танцуваше и со министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас, ја пееше „We are the world“, генералниот секретар четирипати го именуваше Скопје како Македонија“, забележува весникот, потсетувајќи на забавата во Анталија на министрите за надворешни работи на државните-членки на НАТО, каде Коѕиас и министерот Никола Попоски остварија средба.

Изјавите предизвикаа голем интерес во грчките медиуми, кои го осудуваат фактот што генералниот секретар, говорејќи дека треба да се избегне насилството во Македонија, заборавил да нè именува како БЈРМ и се осудил да го користи уставното име.

На состанокот во Брисел, од грчка страна учествуваше министерот за одбрана Панос Каменос, кој како ултрадесничар има покажано дека е особено чувствителен за прашањето за името. За време на дискусиите, Каменос истакнал дека НАТО треба да соработува со проектот ЕУФОР Алтеа за да се спречи можна дестабилизација и проблеми на Балканот, да се спречи влез на џихадисти кои би можеле да предизвикаат големи проблеми.

„Двете организации треба да соработуваат на политичко ниво за да се изолираат можностите да се шири екстремизмот, фундаментализмот, иредентизмот и националистичките идеи кои го дестабилизираат Балканот. Нема да дозволиме на Балканот да се прошират групи кои сакаат да предизвикаат дестабилизација и особено сме внимателни на провокациите што ги гледаме во последно време на целиот регион на Балканот“, изјавил Каменос.

М.П.