Тачи: Договорот од Пржино нема да се реализира

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, по денешната средба со амбасадорката на ОБСЕ, Мариане Берец, изрази песимизам дека ќе се реализира договорот потпишан во Пржино.

Тачи рече дека на документот ставил потпис поради една причина. Според него, Договорот претставува најкраткиот пат Aлбанците на предвремените избори да ги турнат од власт ДУИ и Али Ахмети, кој, според лидерот на ДПА, е одговорен за ваквата ситуација во која се наоѓа државата, а особено албанските граѓани.

– Зошто го потпишав договорот? Затоа што сметам дека тоа е единствениот пократок пат на Албанците да им се овозможи бргу да дојдат до ситуација да гласаат, дефинитивно да гласааат против структурите на господинот Ахмети, кои се одговорни за оваа ситуација, а истовремено со нивниот глас за нашата партија, да ја засилат ДПА, а понатаму, јас ги уверувам дека сите тие барања за правата на Албанците ќе станат дел од преговорите за следната влада – изјави Тачи.

Тој додаде дека неговата партија била заслужна за албанските прашања, кои биле поставени на преговарачката маса во Пржино.

Лидерот на ДПА изјави дека иако не верува во спроведувањето на договорот потпишан во Пржино, сепак ќе се залага пратеници од ДПА да придонесат за документот да се реализира во практика.