Штрајк во државните болници во Грција

Лекарите, медицинските сестри и персоналот на итната помош на државните болници на Грција и на здравствените домови денеска почнаа 24-часовен штрајк во знак на протест поради недостигот од персонал и недоволното финансирање на здравството, како и поради доцнењето на платите предизвикано од финансиската криза во Грција.

Болниците работат со минимален персонал, а повеќето од вработените денеска ќе протестираат пред Министерството за здравство.

Синдикатот на вработените во државните болници соопшти дека здравството е загрозено поради недостигот на персонал и недоволното финансирање. Тие тврдат дека преговорите на државата со кредиторите не создаваат услови за решавање на наталожените проблеми и оти здравството оди во безизлезна состојба.

Новата грчка влада се бори да се договори за реформите кои кредиторите ги бараат во замена за средствата од пакетот кредитна помош, која ѝ е потребна на Грција за да го избегне прогласувањето мораториум на сите плаќања следниот месец.