Попоски: Веруваме дека може да се врати дијалогот во институциите

Министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски, денеска во Виена учествуваше на седница на Постојаниот совет на Организацијата за безбедност и соработка на Европа.

Попоски, како што соопштија од македонското МНР, одговарал и на прашања од земјите членки на ОБСЕ, поврзани со изгледите за надминување на политичката криза, надворешното влијание, ризиците за нестабилност во регионот и изгледите за интеграција во ЕУ.

– Веруваме дека може да се врати дијалогот во институциите. Најдобар гарант за тоа да се случи се граѓаните на Македонија. Тие не сакаат дестабилизација, туку само почитување на нивната волја и јасна визија за мир и за развој во регионот. Успеавме да направиме поголем број реформи како услов и спроведовме фер избори. Малкумина веруваа дека ќе надминеме сè по патот. На крајот, потребна ни е само уште јасна иднина во ЕУ – истакна Попоски.