Папата загрижен поради опасните сојузи формирани на самитот Г20

Папата Франциск изјави дека самитот Г20 во Хамбург загрижува поради потенцијалните „многу опасни сојузи“ помеѓу светските лидери.

-Загрижен сум поради многу опасните сојузи помеѓу силите кои имаат искривена верзија на светот: САД и Русија, Кина и Северна Кореја, Путин и Асад – рече папата во интервју за италијанскиот весник „Република“.

Тој наведе дека миграцијата е голем проблем и дека самитот Г20 посебно го загрижува затоа што најмногу ги погодува мигрантите.

-Опасноста се однесува на имиграцијата. Наш главен и за жал се поголем проблем во светот денеска се сиромашните, слабите, исклучените, меѓу кои се и мигрантите. Затоа ме загрижува Г20 – додаде папата.

Говорејќи за Европа, која се соочи со прилив на стотици илјади мигранти и бегалци од 2015 година, папата ги предупреди нејзините лидери да не паднат на илузијата дека е можно да ги затворат нивните граници.