Отворен нов објект во училиштето за деца со оштетен вид „Димитар Влахов“

На светскиот ден за лица со оштетен вид се отвори новиот училишен објект за учениците со оштетен вид од државаното училиште „Димитар Влахов“. Објектот е изграден и уреден со донација од европската команда на американската војска, реализирана преку Амбасадата на САД во Скопје.

– Новиот објект е со површина од 463 квадратни метри и е донација на европската команда на армијата на САД, која за овој проект издвои околу 363.000 долари. Со помош на нашите пријатели од војската на САД, учениците добија современ објект, опремен со сите помошни и нагледни средства. Движењето низ училишната зграда ќе им биде олеснето на учениците, бидејќи таа е опремена со дактилни патеки, специјално наменети за лицата со ошетен вид – рече министерот Адеми.

Амбасадорот на САД, Џес Бејли, рече дека објектот е наменет за подобрување на условите во кои ќе учат учениците и условите во кои ќе работат наставниците.

Премиерот Никола Груевски изрази задоволство дека на меѓунaродниот ден на слепи лица се отвара објeкт кој е изграден и опремен по сите стандарди за лицата со оштетен вид.

– Преку нашата соработка со Сојозот на слепи лица, зад нас се многу проекти со кои се потврдува нашата грижа и искрена волја за подобрување на положбата и за олеснување на животот на лицата со оштетен вид. За ова училиште преку проектот на Владата за изградба на 145 спортски сали, предвидена е изградба на нова спортска сала – рече Груевски.