Учениците од Основното училиште „Лирија“ во Тетово, претпладнево протестираа пред општинската зграда, поради тоа што немаат услови за учење, а во нивните училници веќе втор ден прокиснува покривот.
– По секој пороен дожд прокиснува покривот, дождовната вода ја пречекуваме во садови. Мора конечно да се реши овој проблем, да се реконструира покривот и да имаме достојни услови за следење настава – изјави ученичка од Основното училиште „Лирија“ во Тетово.
Од раководството на училиштето велат дека децата од утре ќе се вратат на настава и ќе учат во комбинирани парарелки, со скратени часови.
– Сите ученици ќе учат само на приземјето, на првиот кат нема да има настава сè додека не се реконструира покривот – изјави Шпреса Исеини, директорка на училиштето.
Таа додаде дека се обратиле до Министерството за образование, од каде побрале финансиска помош за реконструцкија на покривот, но оттаму добиле негативен одговор.
– Од Министерството за образование ни истакнаа дека немаат законска можност да финансираат градежни активности во пресрет на закажаните вонредни парламентарни избори – изјави Исеини.
И од Општина Тетово изјавија дека не е во нивна надлежност да финансираат капитални проекти, како што е случајот со реконструкцијата на покривот на ова училиште.
Основното училиште „Лирија“ е најголемо во Тетово и во него учат околу 1.000 ученици.