Општина Центар ќе забрани изградба на објекти на и околу плоштадот Македонија

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска на прес-конференција на кејот 13 Ноември ветија дека Општина Центар ќе донесе одлука со која ќе се забрани изградба на какви било објекти на и околу плоштадот Македонија.

И Заев и Жерновски рекоа дека оваа одлука не е никаков ревашнизам или политичка одлука, туку одлука која е во интерес на граѓаните.

– Центарот се претвори во место во кое повеќе не може да се чекори. Од „бомбите“ можевме да слушнеме дека главен креатор на ова е Никола Груевски. Немаше ниту јавни анкети, ниту, пак, мислењето на граѓаните беше земено предвид. Се уништуваат паркови и сето она што им е потребно на граѓаните. Но, доаѓа време кога власта ќе се врати кај граѓаните – рече Заев.

Градоначалникот Жерновски истакна дека небулозните склуптури и објекти не се од никаков интерес за граѓаните и поради тоа Општината ќе донесе одлука со која ќе се забрани каква било градежна активност на плоштадот и околу него.