Оланд: Франција е огорчена од оваа нова трагедија

Претседателот на Франција, Франсоа Оланд, во директното обраќање до француската нација утрово го оцени синоќешниот напад во Ница како терористички. Тој најави продолжување на вонредната состојба уште три месеци и дополнително ангажирање на околу 10.000 резервисти.

За нападот во Ница во кој загинаа најмалку 80 лица, а неколку десетици се повредени така што камион влета во толпа луѓе, Оланд рече дека неговиот терористички карактер не може да се негира.

– Франција е огорчена од оваа нова трагедија. Таа е шокирана од оваа монструозност што се случи – изјави Оланд, по средбата со премиерот Мануел Валс.

Францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев соопшти дека меѓу загинатите има и деца, како и дека 18 од повредените се во критична состојба.

Напаѓачот, кој речиси два километри возел низ насобраните луѓе, како што соопшти полицијата, имал двојно државјанство, француско и туниско. Полицијата успеала да го убие возачот, кој во возилото имал оружје и гранати.

Француските медиуми, повикувајќи се на полициски извори, јавува дека лицето дека и било познато на локалната полиција, но се наоѓало на листата на француските разузнавачки служби како осомничен радикален екстремист и потенцијален извршител на терористички акти.

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер го осуди синоќешниот напад во Ница го нарече „кукавички“. Јункер и порача на Франција дека може да смета на поддршката на ЕУ во борба против тероризмот.

– Јас сум многу погоден и натажен од страшната мака што го погоди прекрасниот град Ница на денот на прославата. Сакам да ја изразам мојата голема солидарност со жртвите, нивните семејства и со сите француски мажи и жени на денешниот ден на жалост, по кукавичкиот чин на тероризам. Франција може да смета дека Европската комисија ќе продолжи да ја поддржува неа и другите членки на Европската унија во борбата против тероризмот во рамки на и надвор од Европската унија. Нашата определба ќе остане цврста како и нашето единство – порача Јункер.

Се уште никој нема преземено одговорност за нападот.