Одложено рочиштето на Апелација за расправа по пресудите за случајот „Монструм“

Судскиот совет на Апелацискиот суд го одложи денешното рочиште на кое требаше да се расправа по жалбите за пресудите за случајот „Монструм“.

Одлуката и пресудата на првостепениот суд, како што пренесува „Плусинфо“, ќе биде прочитана на 11 септември, кога ќе бидат елаборирани и жалбите на одбраната, по што Апелациониот суд треба да се произнесе по нив.

Денешната јавна седница е одложена бидејќи двајца од осудените, Хаки Азири и Агим Исмаиловиќ, не беа присутни во судницата.

Рочиштето на кое биле присутни голем број роднини и пријатели на обвинетите, и кое било под силно полициско обезбедување, траело околу половина час.

Основниот суд Скопје 1 лани, на 30 јуни, ги прогласи за виновни и им изрече шест доживотни казни за тероризам на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута за убиство на четирите момчиња и на еден средовечен маж во близина на Смиљковско Езеро, на Велики четврток, во април 2012 година.

Двајца од осудените, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, сè уште се во затвор во Косово и не се екстрадирани во земјава.