Нов обид на Собранието да обезбеди кворум да гласа за уставните судии и Законот за јазиците

Откако пред два дена Собранието не можеше да обезбеди кворум за гласање, претседателот Талат Џафери за денеска ги закажа петте продолженија на пет седници за гласање на повеќе закони.

Пратениците денеска треба да гласаат за новите судии во Уставниот суд на предлог на претседателот на државата, проф. д-р Осман Кадриу и д-р Дарко Костадиновски кои во вторникот не беа избрани бидејќи во салата на Собранието немаше доволно пратеници за да биде изгласано нивното назначувањe.

Како точки на дневен ред на седниците е и второто читање на предлог-законот за употреба на јазиците како и измените на Законот за заштита на сведоци што ги бараше Специјалното јавно обвинителство и законот со кој се укинува Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, по скратена постапка.

За денеска е закажано и продолжението на седницата за интерпелациите на министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за труд и социјална политика, за финансии, за култура и за животна средина и просторно планирање, Љупчо Димовски, Мила Царовска, Драган Тевдовски, Роберт Алаѓозовски и Садула Дураку.

Иако имаше услови некои од седниците да продолжат со другите точки, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги прекинуваше седниците со образложение дека станува збор за предлози од опозицијата, која сега не учествува во работата на Собранието, па ќе се продолжи со тие точки кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се врателе во собраниските фотелји.