Невреме во Грција: Македонско семејство се јавило во конзулатот во Солун, но не е во опасност

Поројните дождови што ја погодија цела Грција предизвикаа поплави по патиштата. Од невремето поплавен е патот Лариса – Козани и Ситонија, вториот крак на Халкидики, односно местата Торони, Порто Куфо и Тристиника.

Надојдената вода ги поплави паркираните возила, а десетина туристи беа заглавени. Грчките власти денеска ги евакуираа туристите, а според податоците на македонското МНР, меѓу нив нема македонски државјани.

Од МНР соопштија дека македонско семејство кое е на летување во Торони се јавило во конзулатот во Солун, но дека неговите членови не се во опасност.

Врнежите и силниот ветер во Ситонија би требало да престанат утре напладне.

Од МНР велат дека во македонскиот конзулат во Солун функционира дежурен мобилен телефон, +306987200410, на кој македонските граѓани во Грција можат да се обратат за помош.

Видеото подолу е од Торони.