„Нема да ви помине, нема да се опуштиме“, порачаа демонстрантите

Граѓанските движења „Протестирам“ и „Шарената револуција“ денеска пред Собранието порачаа дека нема да се откажат и оти нивната борба ќе трае се додека не се исполнат сите нивни барања.

Активистот Павле Богоевски рече дека денеска се случиле две клучни работи.

– Прво е тоа што онаа карикатура од институција, Уставниот суд, конечно донесе исправна одлука и одлучи да расправа за уставноста на одлуката со која е распуштено Собранието. Но, да не заборавиме дека треба да се изјаснат и за уставноста на Специјалното јавно обвинителство. Втора работа е тоа што пратениците го избришаа 5 јуни како датум за избори. Две клучни барања од тие што ги имавме се исполнети. Но, дали тоа значи дека треба да се опуштиме и да се забавуваме? Секако дека не значи. Денеска ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ направија уште еден чекор кон диктатурата. Ги констатираа оставките на министрите на СДСМ и на нивно место ги вратија своите. Ако сакавме влада од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, немаше ни да протестираме. Во една прилика поранешниот премиер и се уште диктатор, Груевски, ни порача дека додека стои нема да дозволи да ја разнебитиме државата. Но сега ние имаме порака до него: додека стоиме, ако нема правда, нема да има мир – рече Богоевски.

Пред граѓаните зборуваше и адвокатот Мирослав Вујиќ, кој ја поздрави одлуката да се избрише 5 јуни како датум за избори и порача дека најитно мора да се повлече одлуката за аболиција, а претседателот Ѓорге Иванов да си поднесе оставка.

Демонстрантите повторно го обоија Собранието, а на улицата пред него напишаа „Нема да ви помине“ и „Ви шараме сè по список“.

Приврзаниците на „Шарената револуција“ и на „Протестирам“ денеска излегоа на улиците во Тетово, Битола, Радовиш, Прилеп и во Гевгелија и побараат поништување на аболицијата.