Нема да преговараме за плaќање на ѕидот со САД, соопшти шефот на мексиканската дипломатија

Министерот за надворешни работи на Мексико,  Луис Видегарај, рече дека неговата земја е подготвена да разговара со САД за да се одржат добрососедските односи, но за плаќање на ѕидот на американско-мексиканската граница „нема преговори“.

– Постојат работи за кои не се преговара, работи за кои не може да има и нема да има преговори. Фактот што е речено дека Мексико треба да плати за ѕидот е нешто што едноставно не подлежи на преговори – рече Луис Видегарај на прес-конференција во амбасадата на Мексико во Вашингтон.

Во врска со изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека сака да наметне нов данок од 20 отсто за стока увезена од Мексико, за да ја финансира изградбата на ѕидот, Луис Видегарај рече дека таквиот данок ќе ги направи мексиканските производи поскапи за американските потрошувачи.

Трамп изјави дека сака да наметне нов данок од 20 отсто за стока увезена од Мексико за да го финансира ѕидот на јужната граница на САД, соопшти вчера портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер.

Засега не се наведува како би функционирал данокот, но Спајсер рече дека спаѓа во пакетот даночни реформи за кои размислува Конгресот на САД.