Напаѓачот кај „Лувр“ бил Египќанец, во Франција дошол на крајот на јануари

Мажот вооружен со мачета што претпладнево нападна и полесно рани војник во центарот на Париз, во близина на музејот „Лувр“, извикувајќи „Алах е голем“ (Алаху акбар), бил државјанин на Египет, а во Франција стасал на крајот на јануари, јавија светските агенции.

– Според првобитните наоди од истрагата, тој е египетски државјанин – вели извор во истрагата.

Напаѓачот тешко е повреден, но сè уште е жив, откако друг војник пукал во него, а француските власти покренаа истрага за нападот, кој го окарактеризираа како терористички.

Началникот на париската полиција Мишел Кодо потврди дека напаѓачот имал мачета и две торби и се обидел да влезе во подземниот трговски центар кај „Лувр“.