Нападната екипата од „А1он“ на протестот „За заедничка Македонија“ во Скопје

Екипата на порталот „А1он“ вечерва била нападната и претепана кај Триумфалната капија за време на протестот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Петмина учесници на протестот, на крајот на собирот, ги нападнале снимателот Владимир Желчески и новинарот Александар Тодевски додека професионално го следеле настанот. Напаѓачите ја скршиле камерата на „А1он“, а Желчески и Тодевски, поради добиените повреди, се наоѓаат во Ургентниот центар.

„Со тупаници по глава и по телото, вечерва беа нападнати снимател и новинар на ’А1он’ од демонстранти пред Собранието на Република Македонија. И двајцата со возило на брза помош беа пренесени во ургентен центар. Дел од демонстрантите ја искршија и камерата на ’А1он’, по што избегаа од местото. Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ која е организатор на протестот очигледно не успеа да ги заштити медиумските работници. ’А1он’ ќе поднесе пријава против организаторот и ќе бара надомест на штета за дивјачкото и примитивно однесување“, соопштија од порталот „А1он“.