Нападнат пратеникот на СДСМ, Максим Димитриевски

Осум лица, од кои, наводно, и неколку вооружени полицајци во цивилна облека, доцна ноќеска физички го нападнале пратеникот на СДСМ, Максим Димитриевски од Куманово, кој добил лесни повреди на раката, објави „Плусинфо“.

Настанот се случил во кафеаната „Палас“ во Куманово, каде што Димитриевски бил на семејна веселба.

Напаѓачите прво вербално го провоцирале пратеникот Димитриевски, а потоа тргнале и физички да се пресметаат со него. Тој некако успеал да се одбрани, по што се замешало и обезбедувањето и во локалот настанала општа тепачка.

– Се обидов да се повлечам, да не возвраќам на провокациите, но морав да се бранам и себеси, а да ја бранам и мојата сопруга, чиј роденден славевме. Напаѓачите не ги познавам. Подоцна полицајците ми рекоа дека вооружените лица биле полицајци во цивил. Беа безобразни и насилни – вели Димитриевски.

На местото на настанот била повикана полиција, бидејќи напаѓачите го чекале пратеникот и пред кафеаната.