Модулот „Филе“ се разбуди

Европската вселенска агенција (ЕСА) денеска соопшти дека модулот „Филе“, кој неколку месеци беше во хибернација, се „разбудил“ и контактирал со Земјата.

„Филе“, кој е првиот вселенски модул што слетал на комета, беше спуштен на површината на кометата „67Р Чурјумов-Герасименко“ во ноември минатата година, од вселенското летало „Розета“.

Модулот на површината на кометата беше во функција околу 60 часа, по што падна во хибернација откако му се потрошија соларните батерии.

„Оттогаш кометата се придвижи поблиску до сонцето и сега „Филе“ има доволно енергија за повторно да работи“, вели коресподентот за наука на „Би-Би-СИ“, Џонатан Амос.

„Здраво земја! Дали ме слушате?“, била пораката што ја твитнал модулот.

file lander

 

rosseta mission

На својот блог, од ЕСА соопштиле дека контактот на „Филе“ со Земјата се случил вчера и траел околу 85 секунди.

„Филе е во ред. Има оперативна температура од -35 Целзиусови степени и 24 вати на располагање“, изјавил проект-менаџерот на „Филе“, Стефан Улмек.

Научниците сега очекуваат „Филе“ повторно да се јави.